речник контакт

Божикно послание од Владиката Агатангел

Одлика нека ни биде кротоста, воздржувањето, смирението, незлобивоста, милосрдието и трпението. Еве, тие миризливи цветови нека растат во градината на нашето срце, да ја красат нашата душа, да ги овенчуваат нашите чела. ХРИСТОС СЕ РОДИ, НАВИСТИНА СЕ РОДИ…

Петар Печков

Возљубени браќа и сестри!

Денес, вечниот Бог се раѓа во времето. Бесплотниот се облекува во плот. Синот Божји стана човек и се сроди со нас луѓето, стана наш брат еднаков во сé, освен во гревот. Оној, Кој е зад границите на смртта, влегува во областа на смртноста. Денес, почнува крстниот пат Господов, ни се јавува жртвената, крстната, божествена Љубов. Денес јаслите витлеемски ја претскажуваат онаа пештера, каде што ќе биде положен нашиот Господ Исус Христос, симнат од крстот по маченичката смрт... Бог толку многу го засака светот, што го испрати Својот единороден Син, да се сроди со нас, да стане човек за да нé воздигне кон Бога. Голема и неискажлива е оваа тајна, голема и неискажлива е Божјата милост кон нас. И сиот пат од животот Господов е исполнување на таа заповед за љубовта, која не знае за граници, за таа љубов, која својот живот го дава за своите ближни. Сите луѓе кои создавачкото Слово Божјо ги повикало кон постоење, биле Негови браќа и сестри, биле возљубени деца Божји, кои го изгубиле својот пат и кои Он дошол да ги побара.

Слава Ти Господи, што ни го даде овој ден за прославување, за благодарност, за радост! Слава во височините на Бога, слава на Неговото неискажливо милосрдие, слава на Неговата бескрајна премудрост, слава на Неговата промисла!

 

Драги браќа и сестри!

Ние, како Христови следбеници, во денешниов празничен ден, можеме да го поставиме темелот на нашето лично покајание, па преку промена на мислите и срцата, да стапиме на патот Христов. Можеме со нови очи да се загледаме и со восхит да воскликнеме, дека Детето, родено во Витлеем е Живиот Бог, кој стана жив Човек заради нас и дека во тој Младенец се крие сета полнота на невидливиот и несфатливиот Бог. Да се радуваме и да го воспеваме и ние денес Новородениот Христос, Кој се јави за да донесе меѓу луѓето мир, слога и братска љубов. Бог се симна на земјата за да му даде можност на човекот да се воздигне високо на небесата. Да се радуваме и веселиме зашто беа послушани од Бога молитвите наши и се исполнија зборовите на Отецот Небесен, искажани на нашите прародители Адам и Ева по нивниот престап, дека ќе дојде време кога ќе биде испратен Месија меѓу луѓето за да го помири со Бога грешниот човечки род. Да се радуваме и веселиме зашто Спасителот се роди преку непорочната Дева Марија и со тоа се исправи исконската неправда и се победи прародителскиот грев, кој се пренесува врз човечката природа од Адама, па сé до денеска. На денешниов ден се роди долгоочекуваниот Емануил за кого пишуваа старозаветните пророци. Светна на хоризонтот ѕвездата што го најавуваше изгревањето на „Сонцето на правдата”. Се јави Утешителот на тие што страдаат, Избавителот на угнетените, Лекарот на болните и Надежта за правдољубивте.

 

Верни чеда на Македонската православна црква!

Со радост во Господа, предавајќи се на Неговата Света промисла, се надеваме дека во текот на годината што ни претстои ќе го осветиме новиот велелепен храм, посветен на семакедонските просветители и учители Светите браќа Кирил и Методиј во центарот на Велес. Искрено се надеваме дека овој храм ќе биде местото каде денешните и идните генерации македонски православни христијани на Бога ќе Му принесуваат дела на побожност, добродетели и благочестив живот.

Искрено се надеваме дека македонското православно семејство ќе постане мала црква, со многудетни рожби, кои ќе бидат и образ на нашето благочестие.

Возљубени мои духовни чеда, да Му принесеме на Бога чистота, светост и целомудреност. Одлика нека ни биде кротоста, воздржувањето, смирението, незлобивоста, милосрдието и трпението. Еве, тие миризливи цветови нека растат во градината на нашето срце, да ја красат нашата душа, да ги овенчуваат нашите чела. Со нив треба да свети нашето лице за да бидеме достојни сродници на Христа Спасителот. Да ги чуваме срцата и душите свои како Божји Храмови во чистота и во светлина. Да не се раздразнуваме и да не се лутиме. Да не се гордееме. Да не ја сметаме за понижување грижата за сиромашните и за несреќните, зашто и Христос не го сметал за понижување тоа да постане човек и да нé нарече Свои браќа.

Од длабочината на својата душа ви го честитам Рождеството Христово - Божик и новото лето Господово.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »