речник контакт

Божикно послание од Владиката Агатангел

Христос да го дочекаме облечени во светлите одејанија на праведноста, љубовта и вистината.Запри ги себичноста, омразата, поделбите и раздорите кои водат во пропаст. Умудрувај ги нашите народни првенци, вдахновено да работат за добробитот и напредокот на нашата единствена и љубена земја

Петар Печков

Најголемиот и најсветиот Небесен Гостин слегнува од небесата и се воплотува од Светиот Дух и Марија Дева. Славете Го, со сето срце, дочекајте Го со голема радост и трепет, брзајте, брзајте да Го пресретнете.

Но, како ќе Го дочекаме, како ќе празнуваме? Не треба да Го дочекаме Лебот на животот „Со стар квас, ниту со квас од злоба и лукавство, туку со пресни лебови во чистота и вистина“ како што тоа го бара од нас апостолот Павле. 

Не треба Христос да го дочекаме со стар квас на порок и нечистотија, чекорејќи во ритамот на злосторството, извалкани од нечистотијата на гревот, лагата и лукавството, туку облечени во светлите одејанија на праведноста, љубовта и вистината.

Но, дали сите така го дочекуваат? Дали се сите во светла и празнична облека, дали на сите им се вознесува духот во големиот порив на љубовта кон Синот Божји, Кој слезе на земјата? Дали целата земја пее во голема веселба? На наша голема несреќа не, туку само малото стадо Христово, во голема радост, го дочекува својот Спасител, а оние кои не се во овчото трло, а го слават Раѓањето Христово, не го слават на пристоен христијански начин, не слават со пресниот леб на чистотата, на вистината, на правдата и на љубовта кон празникот, туку со стариот квасец на чревоугодието на задоволувањето на телесните страсти.

Големите празници за нив се само повод да направат семеен заеднички ручек, на кој ги забораваат вистинските вредности на нашата вистинска православна вера.

Ве преколнувам Вас, браќа и сестри, оваа година да не го дочекате нашиот Господ Исус Христос, Кој се симна од небесата и прими човечко тело од Светиот Дух и Марија Дева, со стариот квас на порокот и лукавството, туку со пресниот леб на чистотата и вистината. Ако така го дочекаме ќе се удостоиме заеднички со Небесните Ангели да ја пееме небесната Божиќна песна: Слава во висините на Бога, а на земјата мир, меѓу луѓето добра воља.

Верни чеда на Македонската православна црква!

Бескрајно му благодариме на Бога што нé удостои во престојното 2016-то лето Господово да го одбележиме 1100 - годишниот јубилеј од блажената смрт на најголемиот македонски духовен великан Светиот Климент - Охридскиот просветител и чудотворец, основоположникот на Светата Охридска архиепископија, патронот и закрилникот на нашата Македонска православна црква. 

Мили наши духовни чеда!

Да го молиме Господа, срцата наши да станат плодни ниви на добродетелта, па во секој од нас да потече извор на мир и братската љубов. Запри ги себичноста, омразата, поделбите и раздорите кои водат во пропаст. Умудрувај ги нашите народни првенци, вдахновено да работат за добробитот и напредокот на нашата единствена и љубена земја. Исполни ги нашите домови со љубов и изобилна радост. Земи ги под закрила нашите училишта, просвети ги со спасоносната светлина благочестивите учители, наставници и раководители. Благослови ги со Твоите добрини нашите ученици, оти тие се утрешниот разум и совест на татковината. Домовите на сиромасите вдахнови ги со вера и трпение, на богатите, пак, подари им сила за чинење на добродетели и милосрдие. Господи, биди покрај постелата на болните, заштити ги вдовиците и сираците, на сите нив подари им вера и блажена утеха. Господи, во Тебе е нашата радост, нашата љубов, нашиот живот. Чувај ја бесценетата национална слобода и скапоплатената државна независност. Твојата Витлеемска ѕвезда јасно нека свети над нашата татковина Република Македонија, а ние децата на нејзините жолти полиња, величенствени планини и сини езера многувековно, полни со благодарност и во мир Тебе да те славиме и Тебе да ти се поклонуваме  - Отецот и Синот и Светиот дух - Троица Неразделна и Едносушна! Амин!

Христос се роди!

Христос се роди!

Христос се роди!

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »