речник контакт

Братската куќа, покрај Вардар изградена со јајца

Ретко убава куќа, која како да изнуркала од реката Вардар, го привлекува вниманието на минувачите. Денес сопственост на Кочови и Дончеви

Петар Печков

Веднаш по Стариот мост, покрај Вардар од неговата лева страна се наоѓа убава жолта куќа, која како да изнуркала  од водите на реката. Иако не е во познатото Влашко маало, каде куќите се жолти, оваа го привлекува вниманието на повеќето кои минуваат од спротивната страна.

Од таму се гледа раскошната убавина на куќата која ја имала, иако времето влијаело на неа.  Таа е позната како Братската куќа, така се води во докумените на архитектите, денес е сопственост на две фамилии Кочови и Дончеви.  Тоа што е посебно е значајно за неа  е дека таа е изградена со јајца. Да токму така со илјадници јајца, кои со кошови на магариња, биле носени во градот од околните села.  

Куќата  е градена со јајца и со жива вар.  Негасената вар се гаси на лице е место со вода,  се додаваат јајцата,  песок  и  директно се вградува во темелите. Тоа делува  како еден вид цемент.   И за стогодишното владеење со куќата не сме имале никакви  проблеми со неа. Со јајца се правени само темелите кои се покажаа како одличен материјал оти куќата опстојува безмалку два века. Нагоре е крената со рам конструкција од дабово дрво  - вели еден  од сопствениците  Благој Кочов.

Според истражувањата и податоците достапни  од архитектите, куќата е изградена околу 1830-та година.  Била сопственост на судија - турчин. А денешните сопственици куќата ја купиле околу 1923-та година.  Иако  скоро два века е до реката,  водата не и направила серизоно оштетување. Тогашните неимари  имале решение за  овој проблем.

Градителите на времето оставале отвори од каде водата ќе истекува, во случај кога Вардар ќе надојде. Водата секогаш надоаѓала а проблемот исто толку време  бил како таа да  истече а не да се исфрла со садови.  Старите мајстори  оставале отвори преку кои водата  се повлекува а да не ги повлече ѕидот и куќата да падне - обајснува Кочов, кој овие информации ги добил од неговиот дедо Атанас, кој ја купил куќата од судијата кадија.

Тоа била стара фамилија, кој имала голема почит меѓу велешани. Куќата била градена на два идентични дела, кои се огледуваат како на огледало.  Тоа најдобро се гледа од карши, од патот кон Долни Дуќани, од каде може да   се види дека е симетрична, левата и  десната се исти.  Интересно е што куќата, и двете страни имале свои бунари.

Чудно е што иако бевме веднаш до реката, бунарите беа со минерална вода, со  вкус киселкав, невообичаен.  Со таа вода  ги полевавме цвеќињата во дворот и немаа мака, беа бујни и цветни.  Водата доаѓаше некаде од високото, од кај Рамина. Ги затрупавме од претпазливост да не падне некој во нив,  беа длабоки - додава Благој.  

Куќата била затоплувана со мангали на времето и затоа има само еден оџак.  Има голем број  на прозори сите со поглед кон Вардар.  И најзначајно е што балконот е со истата железна кована ограда откако е изградена куќата. При изградбата имало внатрешно ВЦ, што тогаш било реткост. Куќи со слична убавина имало во продолжение долж реката, но нив времето ги оштетило па сопственицте ги преуредиле. Токму поради овој момент, поради куќите кои се до водите на Вардар, Велес   им наликува на некои архитекти  како  македонска Венеција. 

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »