Петар Печков
Објавено: среда, 12 февруари 2025
Во медиотеката на градската библиотека Гоце Делчев во Велес, се промовираше книгата „Ѕвезди под клепките“ на бугарскиот автор Николај Терзијски. Преводот на овој роман е на Виолета Танчева Златева и е во издание на издавачката куќа „Три“.
„Во романот Ѕвезди под клепките ќе ги најдете одговорите на некои од најголемите загатки на животот- каде, кога и како ја среќаваме љубовта? Како ја препознаваме? Дали во тоа ни помагаат ѕвездите што ни треперат под клепките, фосфените?“ – порача авторот Терзијски, кој преку одговори од прашања на присутните, ја промовираше неговата книга.
„Во стилот на големите мајстори, Терзијски не води на возбудлива прошетка низ времето и судбината, поткревајќи ја пред нашите очи завесата на животот. За него, некаде под очните капаци на секој од нас има нешто многу поголемо, до кое малкумина успеваат да допрат. И со кое гледаат многу повеќе отколку што нуди реалноста“ кажа промоторкатаа Танчева Златева која е преведувач на ова дело.
Изминатиот период во велешката библиотека своите дела лично ги промовираа, норвешката авторка Хилде Миклебуст со романот „Распарчени“ и полскиот автор Павел Беренсевиќ со македонското издание на неговата книга за млади „Шепотено“.
фото локална библиотека Гоце Делчев Велес
Tweet |