речник контакт

В затвор првиот доктор за лекарска грешка

Гинекологот д-р Панче Арсов е в затвор затоа што беше осуден дека сторил тешко дело против здравјето на луѓето, со смртта на родилката Бојанка Игнова во летото 2003-тата година

Петар Печков

 По седум и пол години барање на правда, таа конечно стигна за семејството Игнови од Велес, кое успеаја да докаже дека нивната Бојанка почина по лекарска грешка при породувањето во велешката болница. Од  пред некој ден, откако  пресудата стана правосилна во февруари, гинекологот д-р Панче Арсов кој го водеше породувањето на починатата, замина во Идризово на отслужување казната затвор од 12 месеци. Така тој е прв доктор во судската пракса во Македонија кој поради несовесно постапување и тешки дела против здравјето на луѓето, лежи в затвор. Од велешкиот Основен суд потврдија дека докторот е на одлежување на изречената казна, иако подолго време тој не се јавувал на упатниот акт за в затвор.

Докторот конечно се соочи со одговорноста за тоа што го стори. Болката за изгубениот живот е непремостлива, но сепак вината за стореното мора да се плати. Верувавме во правниот систем и дека правдата ќе биде задоволена.  И покрај сите опструкции во доказната постапка од страна на докторот, таа беше спора ама достижна – изјавија од семејството Игнови.

Нејзините деца Виктор   11 год и Бојан 7 години, растат без мајчинската топлина и љубов, но со сесрдна помош на таткото Петре и блиската фамилија. Тие тагуваат по нивната Бојанка која почина при породувањето  во четири часот наутро на 3-ти јуни 2003-тата година. Обдукцијата покажа дека родилката починала поради искрварување и хеморагичен шок за што пациентката добивала солен раствор и била покривана со ќебиња.

Осудениот доктор првично доби казна затвор во Основниот суд во Велес од 14 месеци, кои Апелација ги зголеми на 18 месеци, но Врховен го врати  делото на повторно судење прифаќајки го барањето на гинекологот Арсов за супер вештачење. Тоа било извршено од еминентни стручњаци на Клинички центар во Скопје. Тие утврдиле дека ,,е потценето крварењето и подоцнежните напори тоа да се санира не вродиле со успех. Пропушетено е навреме да се оцени сериозноста на крварењето. Постои директна причина помеѓу доцнењето и неконтролираното крварење и развивањето на шоковата состојба,, .

По ова Апелација ја потврдила казната затвор од 12 месеци, а докторот повторно се жалел до Врховен, кој во февруари годинава  ја одбил жалбата, со што пресудата од една година затвор станала правосилна. Иако од Основниот суд во Велес упатниот акт за служење на казната бил доставен набргу потоа, Арсов подолго време бил на лекување на Нервното одделение во Општата Болница во Велес.  Тој и за време не судењето не доаѓаше на рочиштата, па за да биде обезбеден му беше изрече и притвор. За ова време иако бил суспендиран од работното место, тој 7 и пол години примал редовно плата. На судењето тој се бранеше дека смртта на Бојанка  Игнова е резултат на сплет на несреќни околности, кои не се предизвикани од него.

Не се чувствувам виновен за кривичното дело за кое сум обвинет и не ме гризе совеста за смртта на младата Бојанка Игнова. Постапив според гинеколошкиот протокол и направив се да ја спасам. Во критичните моменти во болницата немаше анестезиолог, а кога побара помош никој не се јавуваше на телефонската централа – објаснуваше во негова одбрана Арсов во судскиот процес. Така тој е првиот доктор во бел мантил кој за лекарска грешка отиде в затвор. Останува Лекарската комора на Македонија да реши дали д-р Арсов ќе може и натаму да работи како гинеколог, по правосилноста на ова пресуда.

Истовремено неколкуте слични случаи во велешката Болница, на смрт на родилката и бебето при породувањето уште се во истрага или пак без разрешница. На прашање за вакви смртни случаи  началникот на гинеколошкото одделение   д-р  Атанас Василев ладно објасни дека  прашањата  наликуваат на жолт печат желен за сензации и дека  треба да се бараат сериозни теми.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »