речник контакт

Васка Илиева 1923-2001

Овој 4-ти мај попознат е по смртта на Гоце Делчев, Јосип Броз Тито.. На други портали, изданија ќе прочитате повеќе за овие личности, но сепак овој ден да ве потсетам и на едно друго значејно име кое сигурно повеќето го знаат. Васка Илиева.

Петар Печков

На 4 мај 2001 година почина Васка Илиева една од легендите на македонската народна песна. Почина ненадејно, наутрото, готвејќи се да оди во МРТ во претпладневните емисии да пее револуционерни песни, пред се песни за Гоце Делчев по повод годишнината од неговата смрт.

Зад себе остави неколку стотици снимки неповторливи песни.  Цели 50 година Васка Илиева ја популаризираше македонската народна песна, не само во Македонија туку и низ целиот свет. Беше омилена особено меѓу нашинците во дијаспората на кои со песната им ги разбудуваше спомените, ги потсетуваше на родните огништа и на своите предци.
Родена е во скопското маало Чаир на 21 декември 1923 година. Потекнува од сиромашко но весело семејство во кое песната била дел од секојдневието.  Татко и Тодор Бошков, автор на позната песна „Зајко кокорајко“  бил пеач и свирач на гајда и кавал.

Пееле и другите членови на семејството, а тетка и Бонда Димишкова за Радио Скопје има снимено повеќе песни во времето кога пејачите биле ретки. Васка Илиева за прв пат официјално запеала во „Танец“ во 1950 година. Но пред тоа малку време работела во Монополот каде што пеела на работното место, но и на некои приредби пред тутунските работници. Во „Танец“ ја довел татко и кој веќе свирел на кавали од основањето на ансамблот. Овде останала до 1954 година кога минала во Радио Скопје каде што во живо настапувала на програмата и имала третман на вработена пејачка. Освен како вокален интерпретатор на програмата, била и член на радио-хорот.

Од 1959 година до пензионирањето во 1980 година, била слободен уметник.  Васка Илиева со песната си изгради споменик. Некои нејзини интерпретации се неповторливи и ќе останат засекогаш придобивка на македонската култура: Имала мајка имала, Земјо Македонска, Сестра кани брата на вечера, Што кучиња лајат мори моме Елено, Кога падна на Пирина Јане Сандански, Мост ми ѕидале девет мајстори и др.
Пееше  најчесто како вокален солист, но и во дует со најпознатите пејачки имиња: Никола Бадев, Александар Сариевски, Благој Петров Караѓуле, Блага Видец и др. За време на својот живот изгради свој стил на пеење и без сомнение претставува  огромна појава на македонската сцена.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »