речник контакт

Велес му е потребна нашата човечност, а не нашата припадност

Одбележани 73 години од ослободувањето на Велес. Врачени и општинските награди 9-ти Ноември и наградата Гемиџии

Петар Печков

Со свечена седница и врачување на општинските награди, вчеравечер  во салата на театарот беше одбележана 73 годишнината  од ослободувањето на Велес.  Пред гостите се обрати градоначалникот Аце Коцевски  кој потсети  на овој ден пред седум децении.  

Токму на денешен ден пред 73 години, во 1944 година борците од партизанските одреди „Димитар Влахов“, „Трајче Петкановски“ и „Осмата Велешка народно-ослободителна бригада“ го ослободија Велес задавајќи го последниот, решавачки удар на фашистичките окупатори.  Му ставија крај на четиригодишниот кошмар и  го остварија сонот на  Гемиџиите, Илинденците, знајните и незнајните јунаци, сонот за слобода и своја држава.  За сите нас го жртвуваа - најсветото - својата младост, својот живот и ни го донесоа „силно светнатиот ден“ за кој копнееше Рацин. Македонската држава е нивно дело, а не вештачка, коминтерновска или Титова творба, дело платено со илјадници жртви на партизаните и на цивилното население – истакна Коцевски.

 Тој најави  кои се неговите приоритети во четиригодишниот мандат, гасификација,  колекторски систем и пречистителна станица, нов кеј на Вардар, но и инфраструктура патишта, водовод и канализација до населбите во општината. 

Сите еднакво тежнееме децата да ни останат тука, да имаме нови работни места, да имаме убави и уредени улици, плоштади, да имаме пријатни места за креативност, творење, спортување и дружење едноставно да бидеме опкружени со убави,чисти и  уредени простори. Верувам дека Велес наскоро, односно до крајот на мандатот ќе има нов градски пазар, колекторски систем и пречистителна станица за прочистување на фекалните отпадни води, заедничка регионална фабрика за третман на цврстиот комунален отпад, нова библиотека во просторот на поранешното кино, младински креативен центар и кино во зградата каде што е сега библиотеката, катни гаражи, нов плоштад, нови паркинзи, градски фудбалски стадион и градски парк со многу нови содржини што ќе бидат култно место не само за младите, обновена спортска сала, нов затворен пливачки базен, нови стотици метри изграден кеј на Вардар, обновени училишта и градинки, спортски терени, детски игралишта и паркови.  Велес ќе биде општина без азбест, општина со нови водоводни системи во сите села каде се неопходни, нови канализациони системи, улици, патишта, тротоари и многу други инфраструктурни објекти. Еден од најголемите и најамбициозните проекти е гасификацијата на Велес. Искрено се надевам дека брзо ќе ја реализираме – порача Коцевски.  На свеченоста присуствуваа и Владиката Агатнгел,  гости од збратимените градови - Каршијака – Турција, од Свиштов – Бугарија, од Ужице, Сомбор и Медијана Ниш - Србија, од Слобозија – Романија.

Велес секогаш бил прогресивен град, град на граѓани со авангардни идеи. Огромна е обврската да се продолжи традицијата, континуитетот, да се оствари заветот на нашите славни велешки предци. Граѓаните на Велес имаат изградени високи естетски и вредносни критериуми и барања за квалитет на животот. Тоа е голем предизвик за нас. Велешанки и велешани секогаш биле барем малку пред другите.  Не заборавајте на Велес му е потребна нашата човечност, а не нашата припадност- го заврши обраќањето градоначалникот Коцевски.  

Добитници на општинските признанија за 2017-те се за највисокото за животно дело Гемиџии:  Академик Катица Ќулафкова, амбасадорот д- Данчо Марковски и     доктор  Стојан Кулеџиовски.

Спомен плакета на Општина Велес за 2017 година се додели на: Команда за обука и доктрини на АРМ – Центар за индивидуална обука Велес, „Димко Митрев“ АД увоз – извоз Велес, доктор стоматолог Милан Цветко Станојковски,  Петар Печков, Карате клуб „Гладијатор“ Велес, Младен Најдовски – Бади.

Благодарница за 2017 добија:  д-р Тони Тодоровски научник кој работи во Барселона,  Димче Зафировски кој храбро совлада убиец да не продолжи со неговиот чин,  Семејство Димови –атлетичари,  Организациски одбор на Велешки пливачки маратон,  афористичарот Атанас Крлевски.

Пофалница за 2017 година се додели на: Здружение за заштита на животните „Гласот на животните“ Камерен црковен хор „Св. Пантелејмон“, Димче Наумовски, Далибор Шаптев Јефремовиќ и Благој  Маневски кои освоија медал како  угостители на меѓународен натпревар. 

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »