речник контакт

Велес нема јавен часовник со точно време

Двата постојни на зградата на ДОЗ и пред Поштата одамна не работат. Каде да се постават нови?

Петар Печков

      Велес нема јавен часовник, нема кој да го покажува точното време. Иако граѓаните имаат потреба да видат ,,колку е точно саатот,, како што велешани знаат да кажат кога е во прашање мерењето на времето, тоа не можат да го сторат. Стариот Градски саат, објаснуваат дека не е во конкуренција, бидејќи тој отчукува на цел час и пет минути претходно, па немаат увид за времето помеѓу. Единствениот поставен пред зградата на Поштата, донација од Скопска пиварница од пред десетина години, не работи.

Ако шеташ низ градот, нема никогаш да знаеш колку е саатот. Раководејќи се од единствениот можеш само  да задоцниш, никогаш нема да стигнеш на време. Едноставно во градот нема јавен часовник. А дека има потреба, има. Не знам зошто, но треба и градските власти да преземат нешто, не е голема инвестиција а граѓаните ќе имаат корист – вели Никола Димов, пензионер, кој со друштвото секојдневно се движи по улиците од централното градско подрачје.

До пред некоја година имаше електронски часовник, поставен на зградата на Кјуби Македонија, но по иселувањето на филијалата, и часовникот престана да работи, бидејќи никој не се грижи за него. Како можно решение дел од граѓаните  ја посочија камбанаријата во градба,  лоцирана во дворот од новата соборна црква Св. Кирил и Методиј. На слични градби, во повеќе градови во земјава, вклучувајќи и пред Соборниот храм во Скопје,  црквата  поставила часовник, кој ќе им помага на минувачите, па бараат да се постави ист таков и тука. Митрополитот на Повардарската Епархија оваа идеја  смета дека треба добро да се проучи.

Не сме размислувале за вакво решение. Но да видиме што тоа значи, што треба да се сработи, како да се изведе. Ќе го разгледаме – изјави владиката Агатангел, Митрополит на Повардарската Епархија на МПЦ. Локалните власти, како позитивна ја оценуваат оваа иницијатива и сметаат дека во догледно време е можно да се реши. Иако до нив не реагирал никој писмено, најавуваат дека градот ќе добие часовници.

Интересна забелешка и прифаќам декана Велес му е потребен јавен часовник. Не еден туку повеќе. Во наредниот период ќе анализираме и видиме, каде и што да се постави, колку апарати. Дали ќе бидат дисплеј кој освен време ќе покажува и други информации, дали класичен часовник, ќе се одлучи и во градот ќе има јавни часовници – изјави Горан Петров градоначалникот на Велес.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »