речник контакт

Велес со мирисот на пастрмалијата (фото)

Десеттата питијада го раздвижи заспаниот град. Многумина ги врати во родниот град а намерниците како гости на манифестацијата

Петар Печков

  Многу гости, многу пита и вино го одбележуваат викендов. Велес е домаќин на 10-тата Питијада. Тоа беше причина поради која  градот живее 24/7. На главната градска улица Благој Ѓорев се 25 штандови, на производители на пита и на вино.  Тие уредно и на време ги снабдуваа гостите со пита. Убавото есенско време и манифестацијата привлекоа многумина да излезат од своите домови, или да допатуваат од други градови. За овие два дена се врати и некогашното корзо, Велешанката Лидија Демниева дојде од Белград по овој повод.

Дојдов во Велес на Питијадата, таа е симбол на овој град. Кога ми пратија слика од пита, веднаш одлучив дека е време да отпатувам во родниот град. Миризбата која денес ја чувствувам, ме врати во детството. Тагувам по тоа време но еве сега дојдов во градот на моите предци. Пастрмалијата е знак на распознавање на велешани. Таа му е потребна на градот – вели Демниева, претседател на македонско  здружени Кочо Рацин кое работи во Белград.

Според неа има околу 350 велешани во главниот град на Србија.  Но не беше само таа дојдена за ова пригода во Велес. Ги имаше и од подалеку, од Германија.

Живееме  со сопругот во Франфкурт, Германија. Доаѓаме еднаш годишно во Велес и овој пат се решивме да допатуваме по овој повод.  По некој пат таму ќе подготвиме пита, но сепак во родниот крај е најубавата. Прв пат од толку години сум на Питијадата и пријатно сум изненадена. Двата дена додека трае манифестацијата ќе дојдеме на пита - вели   Катерина  Ѓуриќ Шамбилова, со нејзиниот сопруг Станко.

На маса со нeа беа синот, внукот, снаата, поширокото семејство. Се јадеше пита со пастрма, одлика на велешкиот крај. Пастрмата е сушено овчјо месо, силно солено, за да може да се пие црно вино. Така беше и овој пат. Бројните производители и винарии подготвија доволно пити за сите посетители. Иако имаше реакции за гостите кои доаѓаа меѓу првите што питата е ладна. Но подоцна, како стигнуваа новите количества, овој недостаток беше исправен.   Колку беше популарна оваа манифестација зборува и тоа што од Свети Николе допатува цел автобус жени. Гости имаше и  од Скопје, Прилеп, Битола.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »