речник контакт

Велес ќе загуби ако проработи топилницата

Најавите за продажбата на Топилницата за цинк и олово, која е во непосредна близина на Велес, и најавите за нејзино повторно активирање будат негативни емоции и страв кај жителите на градот.

Аница Солева

Најавите за продажбата на Топилницата за цинк и олово, која е во непосредна близина на Велес, и најавите за нејзино повторно активирање будат негативни емоции и страв кај жителите на градот. Топилницата многу години беше фактор на загадување на Велес. Освен што речиси немаше чист воздух за дишење, се соочувавме со морбидни моменти како раѓање на бебиња со најстрашни деформитети, грев за кој нема покајание, као и со заболување на белите дробови фатални за здравјето, кои за велешани станаа обично секојдневје. Додека цел град беше заложник на индустрискиот гигант, државата се богатеше и воопшто не водеше сметка за опстанокот на градот и неговите жители.

Конечно пред неколку години се стави крај на страдалничките маки на велешани и по игра на случајности, кога некои се полакомија и изиграа матни „милионски“ игри со Топилницата, таа беше затворена. Неколку години градот не ги дише тешките отрови. Неодамна беше направено истражување за загаденоста на почвата во и околу градот, и беше констатирано дека по затворањето на фабриката има прочистување на теренот за околу 50 до 60 отсто. Намален е процентот на белодробни заболувања. Сето ова позитивно влијае на свеста на граѓаните, во надеж да мислиме на начини за подобрување на економската состојба и подемот на градот, за да го обезбедиме неговиот и наш личен опстанок и да го оставиме како добро место за живеење на нашите поколенија.

Она што е најдепримирачко, најуназадувачко, па и најморбидно, е што се „крчка“ продажба на Топилницата на странски инвеститор и нејзино повторно пуштање во работа. А толку очигледни се „ефектите“ за градот и жителите од нејзиното работење, како и придобивките од нејзиното неработење. Дали некој воопшто размислува за сето ова? Дали некој се грижи за Велес и неговите жители? Дали некој ќе ги праша велешани за нивниот избор дали да работи или не Топилницата?

Оваа ситуација, која може да ја спознае и мало дете, не е ниту политичка, ниту економска, ниту социјална, таа е чисто егзистенционална за Велес, се работи за опстанокот на градот. Затоа ги повикувам сите надлежни и ненадлежни да го осудат обидот за проработување на Топилницата во Велес.

Кои би биле аргументите за активирање на Топилницата: да се вратат некогашните вработени на работа и да придонесат за економско подигнување на градот. И толку. Сигурен сум дека ако фабриката ја купи странски инвеститор, нема да врати ниту половина од илјада бивши работници, нема да ги врати нејзините менаџери и инженери, ниту ќе обезбедува толку големи плати колку што добиваа топилничарите. Егзистенционално ќе се обезбедат две до три илјади жители на градот, наспроти 50 илјади велешани што ќе го трпат хоророт што повторно ќе го создава Топилницата.

Повторно се зборува за фантомските и утопистички еколошки филтри, кои би овозможиле фабриката да работи со полна пареа, а градот да биде перфектно чист. Фабриката е речиси на два километра од центарот на градот, и кога таа работи синото небо е илузија за велешани, не може да се види со голо око.

Еколошките филтри се приказни за мали деца, кои ни се пласираат навечер за подобро за заспиеме и убаво да сонуваме. Не сме мали деца, можеме и мораме реално да ги согледаме работите. Постои само еден и единствен еколошки филтер, кој беспрекорно ќе функционира, а тоа е затворањето на Топилницата за навек.

Сакам да упатам апел до мојата сакана држава Македонија и нејзините институции. Велес не ја сака Топилница, на Велес не му треба Топилница, и ако државата сака да го помогне економски, социјално, политички, културно, егзистенционално градот - нека ја спакува фабриката и нека ја продаде во отпад за старо железо. Ако продолжат намерите за рестартирање на Топилницата, тогаш мислам дека ние, велешаните, ќе треба да го дадеме последниот збор за судбината на Топилницата. Некој ќе мора да не\' праша, неминовно.

Го сакам својот град, убаво се чувствувам во него кога знам дека демонските оџаци на Топилницата не испуштаат црн чад, а сигурен сум и дека сите мои сограѓани, а најмногу бившите вработени во фабриката го делат ова мислење. Страдаа, ги изгубија работните места и се приклучија на големата армија невработени. Сочувствувам со нивната судбина, зашто и јас ја делам, но активирањето на Топилницата нема да помогне никому.

Никола Цилаков, дипл. политиколог

Извор: Дневник

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »