речник контакт

Велес ќе се разубавува со европски пари и грчки партнери

Општина Велес аплицираше со два меѓугранични проекти до ИПА фондовите на ЕУ, за зазеленување и туристичка промоција на градот

Петар Печков

Велес ќе се разубавува, озеленува и туристички промовира со европски пари а во соработка со соседна Грција. Советот на општина Велес едногласно прифати да се аплицира при фондовите на  ИПА на ЕУ за два проекти, вредни 110 илјади евра а велешани  за тоа да одвојат 18 илјади евра.  Ова е за прв пат Велес влегува во проект за меѓугранична соработка, од кој корист ќе имаат  жителите на градот.

Цели на првиот проект се создавање зелени површини на покривните делови на општинската зграда и објектите  кои се во сопственост на општината, како што се училиштата и детските градинки. Грчкиот партнер исто така ќе креира зелени површини на покривните делови на објектите во нивна сопственост. Овие зелени површини создаваат микро-околина која ги намалува потребите за потрошувачка на енергија за ладење во летните месеци или греење во текот на зимата – објаснуваат од општина Велес.

Проектот насловен ,,Во зелено,, се реализира  во соработка со Асоцијацијата на зелени пазари од Солун, вреди 70 илјади евра а општина Велес вложува 12,5 илјади евра. Вториот проект, кој исто така се аплицира заедно грчки партнери пред европските фондови, е вреден 38 илјади евра а општина Велес ќе учествува со 5,8 илјади евра. Со него градот туристички ќе се промовира во Грција и обратно, грците во Велес.

Проектот предвидува опремување на Туристичко информативно биро во Велес и канцеларија во Термаикос, наш збратимен град  во Грција, како и поставување на дигитален туристички киоск пред Туристичко информативното биро во Велес. Потоа организација на туристичка недела на Термаикос во Велес, возвратна туристичка недела на Велес во Термаикос и печатење на промотивен  туристички материјал. Во текот на туристичката недела на Велес во Термаикос која ќе трае 5 дена, еден ден ќе биде посветен на промоцијата на Вардарскиот плански регион.

Проектот предвидува поставување на штандови на атрактивна локација во Термаикос каде Општина Велес и Вардарскиот плански регион ќе ги промовираат своите туристички потенцијали, меѓу кои етнолошкото и духовното наследство и традиционалните прехранбени производи. Општина Термаикос ќе се претстави на сличен начин во Велес  – објаснуваат надлежните од локалната самоуправа во Велес.

Со овој проект насловен ,,Протопор,, се очекува  зајакнување на туристичката активност во преку - граничната област, промоција на можностите на двата града што им ги нудат на туристите, воспоставување на соработка помеѓу локалните власти и професионалните асоцијации вклучени во туристичката индустрија на  двата града.  Проектот се спроведува во соработка со Асоцијацијата на претпријатија за храна со седиште во Термаикос и Вардарскиот регион, кој  исто така треба да обезбеди 5,8 илјади евра.

Се очекува проектната документација надлежната комисија во ЕУ да ја разгледува на почетокот од месецов, по што локалните власти на Велес очекуваат позитивен одговор и следната година овие два проекти да се реализираат, градот да се озелени и  туристички да се промовира во соседството.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »