речник контакт

Велешанецот, виолинистот Богдановски настапи со Пласидо Доминго

Македонскиот виолинист Костадин Богдановски десет години е концерт мајстор на Операта во Барселона која е светски позната, на рамниште со познатата италијанската ,,Ла Скала,,.

Петар Печков

Македонскиот виолинист Костадин Богдановски десет години е концерт мајстор на  Операта во Барселона  ,,Grand Teatro de Liceu,, . Ова е светски позната оперска куќа, на рамниште со  познатата италијанската  ,,Ла Скала,,. Затоа задоволството што таму настапува и свири, за велешанецот Богдановски е големо.

Бидејќи се наоѓа на ексклузивно место, тоа  му нуди можност и несекојдневни настапи и настани.  Може да се пофали што таму го доживеа најзначајниот момент за неговата досегашна успешна кариера. Свиреше со ансамблот за операта ,,Тимерлано,, од  Георг Фридрих Хендел, во која настапи светски познатиот тенор Пласидо Доминго, чија премиерна изведба беше на 7-ми јули. Ова е негов втор настап со Доминго.

Овој пат настапивме  во редуциран состав, бидејќи делото е камерна опера  и потребен помал оркестар, па затоа  ексклузивноста е поголема. Имавме поблиска соработка и задоволството е големо да се чуе извонредниот глас на Доминго, бидејќи во поново време, музичката историја ретко памети таква кариера како неговата.  Тој има и долг стаж, згора на тоа има 70 години возраст. Полн е со енергија. Имав одлична соработка, без оглед што тој беше само еден од улогите а во операта,,Тимерлано,, каде настапија и други познати имиња. Тоа за мене беше голема чест и задоволство - вели Богдановски. Тој за време на паузите од подготовките на операта, имал можност да разговора со Доминго, при што го поканил да ја посети Македонија и да одржи концерт.

Во разговор со него, му кажав дека доаѓам од Македонија и го поканив да гостува кај нас. Тој се заинтересира,  прашуваше каде се наоѓа,  бараше повеќе податоци за неа, дали отсекогаш се викала Македонија, дали и кога била во рамките во Југославија. Ме праша каде би настапил,  го предложив Охрид, каде настапиле негови сонародници и колеги, светски имиња. Му зборував за градот и неговата несекојдневна убавина, дека тоа е Балканскиот Ерусалим,  место со илјадалетна култура и 365 цркви, природно  езеро, вистински рај. Тој  се заинтересира и изрази желба да дојде во Македонија.  Кога последен пат, пред заминување за Велес, се видов со него, тој сам ми пријде и ми рече дека  до година се надева дека ќе се видиме во мојата земја. Кај него постои ентузијазам и се надевам дека ќе се реализира, еден од најголемите настани кои би се случил во Македонија. Бидејќи врзувањето на Доминго со Македонија ќе значи многу за сите а згора на тоа тој веќе е во последните години од  пеењето.  И покрај се тој брилира, има свежина во неговиот глас и ги воодушевува гледачите низ светот – објаснува Богдановски за неговата покана до светски познатиот тенор Домминго да настапи во Македонија.

Операта Лицеу во Барселона  има огромна традиција и секоја   премиера е поврзана со некоја позната светка оперска ѕвезда која гостува на тамошната сцена. Претходно пролетва   ја имале премиерно Кармен од  Жорж Бизе, потоа  постојано се присутни дела од италијанските автори Верди, Доминцети.

Извесно е дека прва есенска премиера по летната пауза ќе биде операта ,,Јас, Дали,, посветена на шпанскиот уметник Салвадор Дали,, а потоа следуваат  Линда од Шамони од Домицети, Свадбата на Фигаро и Волшебната флејта  од  Моцарт, Боеми од Пучини и Аида од Верди.  Костадин свири на виолини кои  специјално за него ги изработува татко му Светозар, што предизвикува чудење кај неговите колеги, кои во оркестарот ги има од сите страни на светот.

Со татко ми го истражуваме звукот кој најмногу одговара и ми е потребен, и таква виолини тој гради. Оваа соработка ги изненадува и побудува интерес кај колегите музичари. Кога ќе го слушнат репродуцирањето на звукот од инструментот , ме прашуваат на каков инструмент свирам а им одговарам дека е од татко ми. Тие се чудата и прашуваат  и  дали татко ми е музичар, па кога ќе им кажам дека  тој е градител на инструменти,  уште повеќе ги изненадува. Им треба време да сфатат дека тој е градител, што е многу интересно и за нив а тоа е многу среќна околност по мене. Бидејќи виолинистите имаат маки, кога нешто  не е  во ред со виолината, тие бараат градител дали ќе ја поправи, оти  може и нема да се случи тоа. Кога имаш татко  кој изработува виолини е луксуз,  кој други не можат да си го дозволат – вели Богдановски помладиот.

Тој не сака да фаворизира ниту еден автор, кој сака да го изведува или  посебно му ,,лежи,,. Објаснува дека  увото прифаќа се што е убаво а лошото го одбива. Во светот на музиката има безброј квалитетни автори, има генијални музичари, кои оставиле богато наследство, кое денес го исцрпуваме. Тие оставиле прекрасни дела, во кои и изведувачот и слушателот  подеднакво уживаат.

Немам свој  омилен композитор, бидејќи секој што напишал добро дело, тоа  е вредно за изведба. Дотолку и ризницата е побогата со различни културни обележја и стилови, кои се  блиски со фолклорот од земјата каде доаѓа авторот – вели Костадин.   Операта Лицеу каде настапува  организира натпревар на оперски пејачи дебитанти, нови гласовни надежи  именуван  ,,Конкурс Вињес,,  еден до поголемите такви  во светот.

Учесниците се пријавуваат со надеж дека еден ден ќе ги наследат познатите светски пејачи, на кои сега се сладиме. Тоа е голем конкурс, со голем број пријавени имиња, чија победа им ги отвора вратите на успехот. Парична награда  не е толку значајна, бидејќи  победниците ќе имаат можност за ангажман во некоја оперска  светска куќа.
     
         

Барселона живее за фудбалот. Кога влегуваш во Виена ќе се судриш насекаде со  Моцарт, а кога доаѓаш во Барселона, прво со кое се судира човек  е ФК Барселона , второ е  ѕвездата Меси, објаснува Костадин. Фудбалот е дел од секоја пора на општеството, актуелност 24 часа, тоа е најактуелна работа за која се зборува секогаш и секаде, од политичарите преку сите социјални класи. ,,Прва и основна работа таму е фудбал, со него се започнува и завршува. Има бројни театри, уметнички случувања, специјализирани за мјузикли, драми, комедии.  Има и многу концерти на поп и рок ѕвезди, на кои за жал не присуствувам, бидејќи тие не се дел од мојот живот. Таа музика ја слушам кога патувам со мојот  автомобил .Единствена музика која тече низ мојата глава е музиката која ја свирам,, .

Уште од седум годишна возраст Костадин , кој сега има 34 години е во друштво со виолината.  Тој  е наследник на традиција, која   ја започнува неговата  мајка. Уште рано кај него се јавила желбата да свири на виолина. Проблемот   бил што не можело да свири, оти  не можело да се најде инструмент кој ќе одговара за неговите  потреби , да се најде толку мала виолина. Кога наполнил  7 години, родителите нашле инструмент и ми го дале, со зборовите ,, Сакаше да свириш виолина, еве  сега свири,,.  Првите часови ги добил од мајка му Марија. Костадин тврди  каде  ќе продолжи кариера, тоа никој не може да го каже. ,,Знам дека не знам што би бил друго, ако не сум виолинист,, вели Костадин.

Костадин Богдановски ја продолжува  низата на значајни велешки музички имиња, кој оставиле силна трага во македонската музика.  Живко Фирфов и  Стефан  Гајдов се осново положниците на македонската музичка сцена.  Диригентот Ангел Шурев работеше во Љубљана,, Костадин Кирков беше солист на Бонската филхармонија, Никола Атанасов - солист-флејтист на операта на МНТ во Скопје, Петре Пренџов - виолинист во Љубљанската филхармонија. Сите тие оставиле  свое обележје. Таа традиција сега продолжува преку Богдановски.

Богдановски чека да биде завршен театарот во Велес, кој би бил културен храм во градот и каде би настапил по 12-тина години  апстиненција од родниот Велес. Негова нескриена желба е тој што поскоро да биде готов, за  музичарите и актерите го заземат нивното место и бидат дел од живеењето во Велес.,, Сакам тоа да биде што поскоро и да бидам по долго време со моите сограѓани,,. Костадин работи  на друг  проект да настапи за прв пат на сцена со неговата сестра Фросина која е исто виолинист. Таа неодамна дипломирала, нема професионален ангажман и затоа голема желба е  заеднички брат и сестра да настапат.  Тој последните настапи во Македонија ги бележи  во 2007-ма на Охридско лето, и 2008-та со македонската филхармонија во Скопје.

Операта Лицеу во Барселона е со капацитет од 2.292 седишта. Во неа имаат  настапувано Монсерат Кабаје, Пласидо Доминго, Хозе Карерас, самата елита на светски оперски пејачи. Зградата е  отворена на 4-ти април 1847, се градела десет години од 1837 година, изгорела во три пожари, за да биде повторно градена и обновувана. Има 500 вработени, од кои поголем дел се уметници од операта, балетот, хорот. На седиштата во салата, каде има послаба прегледност има инсталирано екрани за следење на операта, додека сите седиште се опремени со монитори за преведување, за тие што сакаат да го следат текстот од операта на кој сакаат светски јазик.

Семејството Богдановски, Костадин и сопругата  Ангелина добија пред една година ќерка, Марија. Се родила на 27 август,  на денот на Света Богородица  а исто име има и нејзината баба, па така го добила името Марија. Ова е голем момент за него  и сопругата. ,, Да го откриеме чувството кое децата си го носат со себе. Иако е родена во Барселона, сакаме во неа да ја вградиме македонската култура  и вредности,, .

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »