речник контакт

Велешанецот Тончаров петпати со воз ја обиколи земјината топка

Тончаровски имал ретка можност да биде еден од четворицата моторовозачи што ги донесле од Шпанија во 1977 година моторните возови, познати меѓу народот како "шпанци"

Петар Печков

Машиновозачот Илија Тончаровски од Велес, со километражата што ја направил по пругите во својот работен век, може петпати да ја обиколи земјава. Тој се гордее што во "Македонски железници" заработил пензија со точно 40 години стаж во кои имало и незаборавни моменти  но и непријатности.

Паметам и убави моменти, особено еден, кога спасив дете. Се случи на пругата Прилеп - Битола. Во далечината здогледав нешто, мислев дека е пакет, но видов дека е дете. Откако му сигнализирав на колегата од втората гарнитура, заеднички сопревме. Немав сила да видам што се случи. Колегата кондуктер се симна и од под воз, живо и здраво извлече двегодишно дете. Колку само се радуваше и трчаше со него во прегратки. Никому не го даде девојчето, додека не дојдоа родителите - вели 78-годишниот Илија Тончаровски.

Почнал да вози во 1959 година, а во пензија заминал во 1989 година. Управувал со локомотива кога таа правела сефте и до Кичево.

Најчесто мојата релација беше Скопје - Белград, која ја минував неколкупати месечно, како и релацијата Битола - Скопје, на која сообраќаше возот "Пелагонија". Се случуваше од 182 часа месечно, колку што имавме турнус, 110 да бидат ноќно возење. Точно 40 години минав на шините и доживеав многу убави и интересни моменти -раскажува пензионерот Тончаровски.

Вели дека биле интересни за луѓето, кои ги гледале и се чуделе кој тоа господари со тие силни машини. Згора на тоа  некои  шетале и по пругата, па машиновозачите морале внимателно да возат, а често и доцнеле поради вакви случаи.

Тончаровски имал ретка можност да биде еден од четворицата моторовозачи што ги донесле од Шпанија во 1977 година  моторните возови, познати меѓу народот како "шпанци".

Во Барселона престојував 21 ден, во фирмата "Макоса", од каде што ги презедовме популарните "шпанци". Таму видов дека, Шпанците како и Русите, имаат пошироки пруги, не како европските, поради што мораа до Франција да ги товарат на други возови. Французите не пуштија да возиме по споредни пруги, поради страв од безбедноста и застој. Пред Милано на еден дел од пругата развив и најголема брзина во животот, 145 километри на час - се сеќава Тончаровски.

Тој памети дека, за разлика од тогашна Југославија, каде што на двојните пруги се возело десно, во Европа бил во сила лев сообраќај, како во Англија. Му требало време да се привикне дека сигналите се од десна страна, за разлика од кај нас, каде што се на лева.Тој своевремено добил признание за најдолга километража помината со старите германски шинобуси.

Неговите колеги и Илија биле кумови на локомотивите што доаѓале од запад. Ги именувале според претседателот на државата од каде што се купени, па така низ Македонија возеле Де Гол, Кенеди, Горбачов... Воодушевен е од Кенеди, која се покажала најдобра во македонски услови.

Во долгогодишната кариера два пати бил завеан, еднаш во Овче Поле, кај станицата "Тошо Арсов" и  втор пат во Полог, кај Жеровјане. Но, по неколку часа биле спасени.  Пензионерот вели дека најтежок момент во работата на машиновозачите се самоубиствата на лица што одлучиле животот да си го скратат на шините.

Тој се сеќава на еден случај кога сопругот ја подметнал претходно убиената жена за да изгледа како да ја прегазил возот. Тончаровски вели дека таквите случки, и покрај тоа што машиновозачот нема вина, туку желба да застане, да го спаси животот на тој што решил да настрада под локомотивата, сепак, оставаат белег во душата.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »