речник контакт

Велешани ќе го ,,ослободуваат ,, градот од топилницата

На Денот на ослободувањето на Велес, 9-ти ноември, ќе се организира голем еколошки протест против рестартот на загадувачот

Петар Печков

Симболично на 9-ти ноември велешани на Денот на ослободувањето на градот, ќе го ослободуваат од топилницата за  олово и цинк. Ова е одлука на  ,,Одборот за спас на Велес,, кој денес одржа вонредна седница, по последните случувања поврзани околу најавите за евентуален рестарт на капацитетот но и по пресудата на Основниот суд во Велес со која се одби тужбата на ,,Зелената коалиција,,. Истовремено ќе започне акција на собирање на десет илјади  потписи  кои ќе бидат доставени до сопственикот ,,Метрудхем,,  Владата и Министерството за животна средина.

Се решивме овие две акции, кои ќе се случуваат во наредниот период, со цел граѓаните непосредно, јасно и гласно да си го кажат нивниот став за топилницата. Преку ова ,,народно еколошко востание,, ќе го искажеме револтот од најавите дека некој,  без наша согласност, сака да ја рестартира топилницата. Очекуваме силна поддршка од граѓаните, заедно да се избориме и да покажеме дека здравјето ни е пред се, а потоа профитот и парите. Не постојат ниту едни пари кои можат да го вратат нарушеното здравје на луѓето – рече Иванка Андова претседател на  Друштвото  на родители за грижа за здраво поколение. 

На одборот се слушнаа и ставовите на стручните лица кои изразија загриженост дека постојната опреме не може да работи а без таа да загадува.

Топилницата е со застарена технологија и во неа е потребно големо вложување, но и повторно ќе се случува истото, загадување. Затоа треба да бидеме децидни дека местото на топилницата не и е тука, во градот и таа треба да се исели. Не е потребно да се пазари за нејзиното работење, туку јасно да кажеме дека таа не ни треба тука, туку на друга локација, каде сите параметри ќе бидат задоволни. Во спротивно последиците од работата со децении следните генерации ќе ги плаќаат, да не ја повториме грешката од 70-тите години – изјави  Пандора Манева дипломиран технолог, член на  Одборот за спас на Велес. Со сличен став и поранешниот инжињер во овој комбинат, сега еколошки експерт.

Велешката топилница во ваква состојба како што е  не можно да се рестартира. Многу време е минато откако таа е затворена а со секој ден минат, состојбата  на опремата се влошува. Еден автомобил да не се користи една година, да не се запали, не може да се вози а не ваков гигант. Зелена економија со ваква тешка црна металургија не е можно, бидејќи таа е во градот, и има силно влијание врз здравјето на луѓето – рече Петар Стојанов дипломиран металуршки инжинер  Градоначалникот на Велес застана цврсто зад желбата на велешани овој некогашен индустриски гигант, сега куп за`рѓано железо да не проработи тука.

Нема да дозволиме  рестарт на топилницата и ќе преземеме секакви активности кои се потребни за да се реализира оваа наша цел.  Исклучително сме против било какво размислување и постапка за повторна работа на капацитетот. Се што  работиме е во интерес на здравјето и животот на велешани, тоа е највредно нешто. Секаква помисла за рестарт е со помисла на реална можна еколошка катастрофа – изјави Горан Петров градоначалник на Велес и претседател на одборот за спас на градот.

Еколошки протест против топилницата  се организираше пред три години на 12 јуни 2008-та кога пет илјади велешани рекоа ,,не ,, за повторната работа на загадувачот.  Делегација од Велес утре -недела , ќе имаат средба со Министерот за животна средина, во која ќе има повеќе претставници на локалната власт и на граѓанскиот сектор, од каде чекаат одговор  што досега презел инвеститорот ,,Метрудхем,, за почеток на работењето на топилницата.

                             

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »