речник контакт

Велешанка, моден креатор која му даде корпа на Бенетон

Велешанката Александра Крнинова-Груев се пробила како дизајнер во САД откако диџеј Ајрон Кинт, за чиј стајлинг се погрижила, лани бил прогласен за еден од 50-те најдобро облечени њујорчани

Петар Печков



Младата македонска модна креаторка Александра Крнинова-Груев, која со своите рокерски креации минатата година ја освои њујоршката андерграунд-сцена, деновиве дебитира како костимограф во велешкиот театар. Таа ги направи креациите за претставата „Нора“ во режија на Никола Ристов, кои предизвикаа голем интерес. Вели дека случајно се запознала со режисерот на еден концерт, по што  се отворила можност за ново креативно докажување.

 На тимот му се приклучив во вистински момент. Случајно го запознав Ристов, кому му недостигал костимограф за новата претставата во театарот „Јордан Хаџи Костантинов-Џинот“. Му го пратив своето портфолио, а тоа му се допадна. Ми веруваше и целосно ме остави по своја замисла да ги сработам костимите за претставата. Ме погоди приказната за Нора. Самиот лик ми беше огромна инспирација да изработам облека како за кукла - вели Александра Крнинова-Груев, која е родена велешанка.

Рокерска јакна со звучници

Дипломирала моден дизајн на колеџот во Колумбус, Охајо, во класата на Сузан Котон како една од подобрите во генерацијата. Во 2008 г. добила можност со свои креации да ја затвори годишната ревија. Моделите останале да ја красат колекцијата на Универзитетот. Инспирацијата за нејзиното прво претставување била поп-рок музиката од 90-тите години и музичките имиња како Мадона и Гвен Стефани. 

Најмногу пофалби добив за рокерската јакна во која во вметнав звучници поврзани со МП3-плеер, за што ми беше речено дека е функционално и уникатно дело. Подоцна работев како технички дизајнер за фармерки во   Abercrombie and Fitch, голема компанија во САД, која го освојува светскиот пазар. Кога се вратив во Македонија видов многубројни нивни копии што доста се носат - вели Крнинова-Груев, која има работено и во други компании како изработувачка на скици. Вистински пробив на андерграунд-сцената во Њујорк имала откако ја почнала соработката со диџеј Ајрон Кинт.

Познатиот њујоршки арт-директор и диџеј Ајрон Кинт минатата година беше еден од 50-те најдобро облечени њујорчани. За него специјално дизајнирав јакна со ракави долги 9 метри и со пепито-шара. Тој е уметнички директор на познатата тамошна танчарска група „Бекспејс“, за која исто така направив облека. Тие се многу познати во ноќниот живот во Њујорк. Инспирација за нивната облека беа инсектите - вели Александра, која додава дека иако била стотици километри оддалечена од своите клиенти, тие ја продолжиле соработката се до нејзиното повторно враќање во Македонија. Иако е свесна дека во нашата земја нема голем профит на модниот пазар, сепак би сакала да си ја проба среќата тука.

Сакам да се претставам со една ревија на следниот Моден викенд-Скопје, во октомври. Тука има таленти, креативни луѓе и дизајнери, само, за жал, ова е мал пазар и нема можност да се најде квалитетен материјал - вели Александра.

Таа е препознатлива по своите авангардни и уникатни креации. Вели дека затоа не се пронашла во стилот на првите, комерцијални компании каде што работела.

 Не сакам да работам за голем број луѓе, туку посакувам моделите да ги носат големи луѓе. Поради тоа и ги одбив понудите за работа од „Бенетон“ и од специјализираната фирма за облека за жени „Лејн Брајант“. Не се гледам да работам за широка потрошувачка, туку со уникатни и авангардни уметници. Во тамошните весници ме опишуваа како минималист. Модата, музиката и технологијата многу бргу одат напред и тоа е мојот предизвик - објаснува таа.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »