речник контакт

Велешките здравствени работници на помош кај колегите во Скопје, во борбата со ковид-19

Ќе победиме и во оваа битка- порача медицинскиот техничар Ангел Драскачев

Петар Печков

По петмина вработени од велешката Болница и од Болницата за белодробни  заболувања во Јасеново, од вечера се помош за  персоналот во ГОБ 8-ми Септември во Скопје.  По барање на Министерството за здравство за помош од здравствени работници, двете велешки здравствени институции се одѕваа со осум медицински сестри и двајца медицински техничари.  

„Поради ескалација на состојбата, јас и уште четворица мои колеги од велешката болница, во наредните две недели ќе имаме чест директно да се судриме со КОВИД-19 во "ГОБ 8-ми септември", а со тоа да помогнеме на нашите колеги во Скопје кои веќе се исцрпени. Ќе победиме и во оваа битка“ - порача Ангел Драскачев, од велешката Болница кој е веќе во скафандер и работи со пациентите со коронавирусот од ГОБ -8ми Септември. 

Тој  заедно со Зоран Пановски претходно, иако беа дел од персоналот на Интерното односно Хируршкото одделение, беа на помош во Инфективното одделение од велешка Болница.   

„Испратени се три медицински сестри и двајца медицински техничари, кои таму ќе престојуваат две седмици. Го почитувавме барањето да бидат стручни за работа во вакви услови, бидејќи сите работеа изминатиот период во Инфективното одделени од нашата болница“ - изјави д-р Божидар Бојаџиев, директор на Општа Болница Велес.  

Објаснува дека отсуството на овие пет лица нема да се одрази на работењето во Болницата, иако дел од здравствениот персонал   се на одмор  и отсутни од работата.  Поради замор на  медицински работници  од ГОБ 8-ми Септември, друг дел заразени со коронавирусот и зголемениот обем на работа, Министерството за здравство реши да ги замени  со персонал од здравствени институции од земјава. Освен петте од велешката Болница, исто толку медицински сестри заминаа од Болница за белодробни заболувања од Јасеново ,на помош  на колешките во Скопје.

„Помошта е потребна и ние веднаш позитивно одговоривме, таква е состојбата во борбата со коронавирусот. Иако за болницата, петмина  е висок број на здравствени работници, тоа нема да се одрази на квалитетот на услугите  кон пациентите“ - кажа д-р Зоран Матев, директор на Болницата во Јасеново. 

Освен од Велес  и Битола со по десет лица,на помош има испратено по седум медицински сестри од Болниците во Кичево, Кочани, Кавадарци.  Сите тие околу четириесетина лица, сместени се во хотел,за време на двонеделниот престој во Скопје.  

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »