речник контакт

Велешките куќи како сончоглед, сите завртени кон сонцето

Велес по амбиенталната поставеност е единствен во регионот. Сите куќи се со поглед кон реката и кон сонцето. Некој градот го споредуваат и нарекуваат како македонска Венеција

Петар Печков

Распослан лево и десно по течението на реката Вардар, градот има амфитеатрална поставеност.  По ова Велес  има единствена убавина, бидејќи сите куќи  од стариот дел на градот имаат поглед и  гледаат кон реката.   Така било со векови а жуборот на водата во ноќите стигнува и до високите делови на градот, до Мегдан до Рамина. Велес отсекогаш го красела архитектурата, која поради местоположбата  ја нема во друг град.

Старите ги граделе своите куќи и домови поставени со лице кон реката Вардар, кон сонцето. Затоа често велам дека велешките куќи се како сончогледи, гледаат кон сонцето. Нивните тераси, прозори биле поставени така да имаат поглед кон светлината и кон реката – вели Станка Амбаркова  архитект.

Старите куќи во Велес биле покриени со камени плочи, што е природна климатизација, лете е ладно, зиме топло. Куќите имале големи чардаци кои биле поставени кон реката и со тоа имале и природно ладење од  ветерот Повардарец.  Куќите во Велес некогаш се граделе  со џентлмески договор. Бидејќи градот е на ритчиња, и секој својата ја градел во висина  на терасата од соседот. Така сите имале поглед кон реката.

Денес новите градби не ги примија овие карактеристики. Се сокрија погледите кон Вардар, кон сонцето.  Наспроти тоа, имаме новини што не се компонирани ниту со положбата на градот ниту со традицијата. И уште една карактеристика, порано секоја боја на велешката куќа означувала нешто, дали има мома или ерген за свадба, дали газдата бил во туѓина. Денес има силни бои кои ги заменија традиционалните, па Велес личи на ,,шарено велигденско јајце“

Оваа новина која се практикува последно време, не е ништо лошо ниту страшно. Таа е добра пракса која го разбива сивилото на градот. Треба ли да потсетам дека нашите стари, кога Велес бил град на трговци и еснафи, уште во 19-тиот век, пред секој Велигден во различни бои ги бојадисувале куќите. Тогаш секоја боја имало значење и носела скриена порака. Кај мене е дилемата каква порака ни испраќаат сегашните сопственици, со боите што ги употребуваат – вели Амбаркова која со години  ја проучува  старата велешка архитектура.

Таа како илустрација ги нуди и зборовите од  староградската песна ,,Во Влашкото маало,, каде сите куќи биле  офарбани во жолто. пред секоја куќа тогаш се поставувал камен кој се варосувал и на него домаќинките приквечер седеле и муабетеле. Жали што денес камењата од пред портите ги снема, а со тоа и дружењето меѓу соседите. Истражувањата покажале дека околината, а особено боите, многу влијаат на човековото расположение. Бојата е прва работа која ја забележуваме кога се среќаваме со нешто ново. Иако новото време ги руши старите правила, Велес се` уште има свој препознатлив лик.

Велес е препознатлив по амфитеатралниот карактер, поставеноста на куќите една над друга, гледаат сите кон реката Вардар. За жал  грижата за културното наследство е  е недоволна  и имаме нов лик на градовите, кои стануваат исти еден на друг  - вели  проф д-р Донка Барџиева  Трајковска претседател на Центар за културно наследство. 

За неа  и  некои архитекти Велес е македонската Венеција, по куќите покрај Вардар. Овие згради   ги  потсетуваат на Венеција со куќите кои како да  извираат од реката. Но градејќи куќи и користејќи ја максимално местоположбата и празниот простор, во Велес ќе најдете куќи со  остри ќошиња, што е реткост. Така сопствениците  ја користеле секоја педа слободен простор. 

Посебно е интересна куќата на Касапови, која е изградена не на темели туку на карпа. Поради ова таа е во сите светски учебници. Позната е како куќата што лебди.  Градена е со ист материјал, како и црквата Св. Пантелејмон, оти се во непосредна  близина.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »