речник контакт

Велигденско послание на Митрополитот Агатангел

Овој ден е ден на радоста. Велигден е празник над празниците и прослава над прославите

Петар Печков

Возљубени наши духовни чеда!

Македонскиот православен народ денеска зачекори во време исполнето со надумна, божествена и воскресенска радост.

Нашата вера и надеж во овоземниот живот е заснована токму на Христовото воскресение. Онака, како што Тој пострада, беше погребан и воскресна, така и сите починати ќе воскреснат за вечноста. За нас христијаните Воскресението од мртвите е вечната светлина, непобедливата сила Христова. Воскресението е нашата смисла, нашиот живот.

Христос со своето славно воскресение покажа дека смртта е немоќна. Победен е најголемиот човеков непријател! Затоа овој ден е ден на радоста. Велигден е празник над празниците и прослава над прославите. Сознанието за овој настан не ги гали и облагородува само срцата на верните. Оваа света радост денес се разлева насекаде и ги зафаќа сите битија, ја опфаќа целата природа, ги исполнува небото и земјата.

Трпезата на благодатта за сите е поставена. Со вера и без страв да пристапиме и да вкусиме од овие рајски плодови. Воскреснатиот домаќин е благ и милостив и сите нé повикува да учествуваме во Неговото пасхално радување.

 

Драги браќа и сестри Македонци!

Христовото воскресение е гаранција за нашето лично воскресение. Бог нема да дозволи праведникот да види распаѓање. Како што пченичното зрно фрлено во земја умира за да воскресне и да се развие во билка и да донесе повеќе род, така и човечкото тело ќе биде погребано, за да воскресне тело духовно и вечно. Оти по Воскресението Христово распадливото се облекува во нераспадливо, а смртното - во бесмртно. Смртта ја затупува осилката, а пеколот ја губи победата.

 

Драги браќа и сестри!

Во учењето Христово, во Неговите величествени и бесмртни начела, во Неговото долготрпеливо страдање и во Неговото светло Воскресение се наоѓа силата која ќе го победи злото во овој свет. Во Христа се наоѓа благодатниот извор на човековата среќа и задоволство. Победени се пеколот, смртта, злобата, зависта, лукавството и неправдата. Величевствен е денешниот ден за луѓето. Ова е ден на Воскресението на Спасителот, ден на Неговиот божествен и творечки дух, кој создава проповедници на вистината и слободата, кој им влева моќ и ги вдахновува борците за правда и вистина.

Воскресението Христово е силата која и денес препородува, моќно и благотворно допира до душите и срцата човечки, а во целата природа предизвикува триумфална радост и веселие. Да се придружиме и ние на Небесната Црква, на ликувањето на ангелите и на убавата Божја природа. Да ги отвориме своите срца и души за нови благодатни сили, зашто овој ден го создаде Господ да се радуваме и да се веселиме во него. Како што пријатниот мирис во полето е сведок за близината на убавото цвеќе, така нека замириса и нашиот живот, со нашите добри дела. Секоја наша постапка нека биде постојана проповед дека Христос воскресна од мртвите, па да речат оние кои уште не го познале -  Еве го Господа, Он живее во срцата и душите на оние кои го носат Неговото име.

 

ХРИСТОС ВОСКРЕСНА, НАВИСТИНА ВОСКРЕСНА!

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »