речник контакт

Верувања за навите во Македонија

Во Велешко веруваат дека навите се три жени кои родилката ја доведуваат до бесвест.

Петар Печков

Во Велешко веруваат дека навите се три жени кои родилката ја доведуваат до бесвест. Од нив двете се ерменки, а третата – нашинка. Ако родилката ја преведат преку вода таа умира. Од навите може да ја спаси следново баење:  земаат череп, во него ставаат катран, толчен лук и три толчени јаглења. Бајачката црта околу крстот на болниот црта до три пати и потоа вели: „Еве ја, ја преварив (Петкана), ја ја обиколиф. Како шчо смрдат лукот и катранот, еве да смрди П. на навите. Како шчо бега од огнот секое нешчо, така да бегајат навите од П. Кога ке пребројат навите 9 амбара просо, тогај П. да ја држат.“ Тоа верување и баење го запишал покојниот Г. Бојаџиев, веројатно од баба Звезда од с. Лисиче.

И во село Рудник веруваат дека навите причинуваат болест и смрт на родилка и дека нив може да ги испрати некоја маѓосница но си ги претставуваат и во вид на пилци, кои пиштат како чавки. Според зборовите на жени од градот Велес навите живејат во море и далеку ја занесуваат сенката на болната која умира по 2-3 дена, додека се скита нејзината сенка. Кога ќе започне агонијата велат: „Навите ја зеле, ја фатиле“, а додека трае несвеста велат: „Ја занеле навите, ја пренеле навите“. Но повеќето избегнуваат да им го споменуваат името па го заменуваат со мајки: ја занеле мајките. И за други болести е забележан општонародниот обичај да не им се споменува името за да не случи да чујат и да дојдат, или да ги омилостиват со имиња со кои им ласкаат.

Според  некои сведоштва устрелуваат  и момчиња кај кои доаѓаат  по гласот што ќе го чујат, затоа овчарите вечерно време не одговараат, ако некој ги вика и ако не знаат чиј е гласот. Во Велешко на жена леунка до 40 дена „дури не си земе молитва“  не вели „збогум“, ниту пак ќе одговори ако некој од незнаење или нарочно и рече. Попот за тоа време не ја посетува куќата. Леунката не одговара ако ја викне некој однадвор од куќата зашто ја страв да не ја фатат навите.

И друго  средство има против навите: Откако ќе се роди детето, најпрвин ставаат  во средината едно корито, полно со вода и во него неколку јаглења жар. Потоа откако бабата ќе застане од едната страна на коритото, а родилката од другата првата и завива околу вратот на последната една шамија или крпа и како со огламник ја трга да пречекори преку коритото и да дојде од нејзината страна и пак обратно до три пати.... Откако ќе го искапат во таа вода детето, леунката си легнува во приготвената леунска постела Раскажувачката соопшти дека името на опасните духови се навои но по секоја веројатност таа тоа го кажала не по велешки зашто и на други места во нејзините искази среќаваме неточности.

Според  Димитар Матов.  

Баба  Доста родена во село Мартолци (Велешко) сега живеит во г. Софија) – таа пак  слушала од стари оти навите биле ветроштиње, арно ама таа непара веруала нави и друзи ѓаолски работи, чунки си била со крсто на чело. До колку деца што родила баба Доста, неќела да и бабуат бабата што ја бабуала, само едно нешто праела: три дни седела леунка со врзани нозе в постела, и тоа веќе од немајкаде, да не и го скрши атерот на бабата, оту и тоа не ќе го праела.

Врзуањето на нозете било непендек, за ако дојдат навите да а ваќаат, али да ја земат  со себе, Госпо да чуа, да ја најделе  со врзани нозе.

- Ех, како  ќе ја носиме сега – ќе  речеле навите – кога и се  врзани нозете?

Така  велејќи ќе ја остаеле. Навите кога ја ваќаат некоја леунка, имало сељамет, а кога ја земаат да ја носат некаде, тогај било многу лошо, мачно ја враќале назад, да од тоа било непендек да се врзуаат нозете на леунката до треќата вечер.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »