речник контакт

Визита на Кратово, град со 17 мостови и 12 кули

Денес се останати 4 камени моста и 6 кули. Во близина на Кратово се Камените Кукли и Цоцев Камен, интересни и вредни историски и археолошки локалитети

Петар Печков

Градот Кратово, кој се наоѓа на западното подножје на Осоговските Планини  е познат како еден од најстарите „живи“ градови на Балканот. Има уникатна положба и архитектура, а особено плени со своите кули и мостови.

Тие зборуваат за богатото минато на градот, но укажуваат и за неговата моќ. Кратово претставувал еден од главните рударски центри на Балканот во 17 век, заради што османлиите му обрнувале големо внимание.

Инаку, низ градот поминуваат неколку реки: Манцева Река, Баба Карина Река и Табачка Река, кои се спојуваат во центарот на Кратово и ја формираат Кратовска Река. Во летниот период, овие рекички се речиси без вода, но за време на посилни врнежи, стануваат вистински порои и носат се пред себе. Заради тоа, уште од стари времиња, во Кратово биле изградени повеќе мостови, а се смета дека вкупно имало 17 мостови.

Денес на Кратовска Река се сочувани 4 камени и еден дрвен мост, како и еден бетонски. Сите кратовски мостови се фундирани на карпеста основа. Како главен градежен материјал бил користен каменот од вулканско потекло, кој во овој простор го има во изобилство. Кратовските мостови преставуваат соодветен израз на градителството во турскиот период кај нас.

Со обнова на занаетчиството и трговијата во 19 век, во градот се појавила потреба за изградба на нови мостови. Неколку најпознати мостови се подигнати токму во овој перид: Радин мост, Гровчанскиот мост, Радев мост, Чаршиски мост, Јокшински мост, Свински мост, Сарајски мост.

Најпрочуениот Радин мост се наоѓа на Манцева Река и подигнат е во 1833 година на две високи кули, од кои едната е висока 28, а другата 29 метри. Грофчанскиот мост се наоѓа меѓу Сарајскиот и Чаршискиот мост, низводно поврзувајќи ја Ајдучка чаршија со десниот брег на Кратовска Река. Овој мост е еден од главните комуникациски правци. Изграден е во почетокот на 18-ти век од кратовската фамилија Грофчански, која се доселила од Мала Азија и била доста богата. Должината на мостот изнесува 30, ширината четири, а висината осум метри. Под овој мост се влегува во повеќе ходници (тунели) кои водат до блиските кули, што претставува вистинска атракција.

Чаршискиот или Царски мост официјално е пуштен во употреба во 1804 година, реновиран е во 1933 година, а денес е ставен и на грбот на Општина Кратово. Постои и денес во релативно зачувана состојба и го поврзува Шајков дуќан со стоковната куќа.

Некогаш, од двете страни на Табачка Река што го сече Кратово, имало 12 кули (се спомнуваат од 12 до 17) – 5 на десната страна и 7 на левата. Од нив, денес се останати вкупно 6, од кои некои делумно, но некои и речиси целосно оштетени. Меѓу нив, особено интересни се кулата на Стеван Симиќ (порано Абедин ефенди), Хаџи Костовата кула, Емин беговата кула и други. Историски податоци што попрецизно ќе го датираат градењето на кулите, не постојат.

Според одредени научни мислења, се смета дека времето на нивното настанување е пред доаѓањето на Турците, но повеќемина истражувачи се согласуваат дека тие се градени во периодот на турското владеење, потпирајќи го своето трвдење врз нивната архитектура и декоративните елементи.. Овие  кули и мостови се вистинска туристичка атракција и имаат непроценлива вредност.

Во близина на Кратово се Камените Кукли и Цоцев Камен, интересни и вредни историски и археолошки локалитети. 

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »