речник контакт

Винарија Стоби, за развој на винскиот туризам

На површина од 400 метри квадратни, во 200 буриња започна со работа Винотеката на Винаријата Стоби во Градско.

Петар Печков

Таа  е импозантно здание, изградено во камен, осветлено по најнови трендови, во кои се складирани 300 илјади литри, најмногу црвено вино.  Барик одделението е комплетно вкопано под земја, каде  се чува најдоброто вино од  овој лозарски дел на Македонија, кој  важи дека е најсончев а тука најдобро успева лозата.

Отворањето на овој оддел е новото поглавје во развојот на винаријата Стоби, тоа е производство на врвни вина одлежани и зреени во дабови бочви и буриња. Другото поглавје кое го отвораме е винскиот туризам, кој преку организирање на вински тури и дегустации, несомнено ќе придонесе за афирмација не само на винаријата  како реномиран производител на вино, туку и афирмација на целиот регион и државата воопшто – вели Дане Јованов енолог и директор на Винаријата. Дел од вината кои тука одлежуваат и зреат вклучуваат сорти како што се Вранец, Мерло, Каберне Совињон, Каберне Франк, Петит Вердо и Шираз. Тие се чуваат во садови со различна запремнина, од најмалите буриња  од 225 литри,  па 500 и  дабови бочви од илјада,  2,5 и пет илјади литри. Две третини од виното е во големи бочви, додека остатокот е во големи француски буриња. Токму во нив е тајната  на доброто и квалитетно вино.

Животниот век на едно дабово буре е две до три години. По овој период следи обновување, купуваме минимум 30 отсто нови буриња, за да се изврши  нивна промена. Повеќе од 80 отсто од виното што се чува е црвено а од белите исклучиво има Шардоне – вели Јованов.  Винотеката е неколку метри под земја, заради константната температура и влажноста на воздухот. Како придружни содржини  на Барик одделението се енотеката, винската архива, каде се чуваат најдобрите вина и сала за дегустации која има капацитет од 50 гости. Посебно впечатиливо е осветлувањето, кое е дело на италијански стручњаци. За привлекување на гостите и развој на винскиот туризам, голема предност Винаријата Стоби  има, што се наоѓа покрај автопатот Табановци – Гевгелија.

Концепцијата на Барик одделението за развој на винскиот туризам е преку организирани   тури и  дегустации на нашето вино. Имаме кустос кој ќе ги шета гостите низ винаријата. Сакаме да ја подигнеме винската култура на повисоко ниво. Консумацијата на виното не се мери со испиените количества, туку потребна е едукација на знаењето за виновата лоза,  за класификацијата на виното по боја, за содржината на шеќер, за начинот на сервирањето, за слагањето на виното со храната која се консумира, па и за самиот ритуал на пиење на виното. Тоа недостига и ќе се обидеме нашите гости да ги научиме на ова – објаснува Јованов.   Винаријата Стоби, преку поврзаните субјекти АД Црвени Брегови и АД Вардар 03 Градско, располага со 600 хектари под лозови насади. Врз база на овие површини проектиран е капацитетот на винаријата  од 4,5 милиони литри. Целокупната опрема во неа е со потекло од Италија, Франција и Германија.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »