речник контакт

Владата го разреши раководството на „Колска“

Директорот Јанков е разрешен откако во времето на неговото раководење не направи долг, но не успеа да го врати наследениот

Петар Печков

Откако денес работниците протестираа пред Владата и бараа начин  за спас на Фабриката за шински возила „Колска“ попладнево Владата, на денешната, 90-та седница, ги разреши управителот и членовите на Надзорниот одбор.

„На седницата е констатирано дека раководството на фабриката покажало негативни финансиски резултати во работењето и покрај тоа што на овој субјект е доделена финансиска поддршка од страна на Владата“, се вели во владиното соопштение.

Вработените од фабриката „Колска” два дена протестираа, барајќи да се одблокира сметката на компанијата поради заостанат долг од околу 650 илјади евра направен за периодот од 2013 до 2017 година.

Сега разрешениот директор на „Колска”, Мите Јанков, вчера изјави дека не  можат да набават репроматеријали и да  ја платат струја и други комунални трошоци, поради блокираната сметка.

„Во периодот од 2013 до 2017 година поранешното раководство на „Колска” воопшто не плаќале ДДВ поради што направиле долг од околу 650 илјади евра. УЈП бара од „Колска” тој долг законски да се плати во рок од три години по 20 илјади евра месечно. Ние тој долг не можеме да го платиме со овој број на 70 вработени што останаа на работа. Можеме да си го платиме само за тековниот месец, односно онаа работа што сега ја работиме, само за неа можеме“- кажа вчера Јанков, кој во времето на неговото раководење не направи долг, но не успеа да го врати наследениот.

Моментално во „Колска“ имало за поправка 25 товарни и еден патнички вагон, но за истите немало материјал за нивна репарација, бидејќи немале финансии.

Во фабриката има околу 80-тина вработени, бројка која од година во година постојано се намалува. Таа е формирана  во Првата Светска војна, како работилница во 1916 година  од страна на Германците за поправка на возовите кои сообраќале кон Солун и Лерин.

АНКЕТА »

Дали се потребни забрани за учениците на училиште да носат мини здолништа, долги нокти, маици на прерамки, бермуди, бради и присеви?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »