речник контакт

Владиката Агатангел - Божик е време кога треба да се преиспитаме

Божикно послание на Митрополитот Повардарски Владиката Агатангел

Петар Печков

Во Божикното послание на Владиката Агатангел, поставено на сајтот на Повардарската Епархија, тој на верниците им посака  ,,Љубовта нека нè обзема и нека продолжи да се шири и да ги облагородува сите срца на земјата,,. 

Митрополитот Повардарски Агатангел порача ,, Божик е време кога треба да се преиспитаме и да погледнеме длабоко во себе. Време, кога треба да се прашаме, какви се нашите одлуки, какви се нашите дела. Каква е нашата одговорност пред себе самите. Дали ќе останеме исти и непроменети, ќе бидеме ли поправедни и посовесни и за себе, но и за околината која нè опкружува. Божик е време на радост во семејствата, мир во нашите души и добра волја меѓу луѓето. Да пораснеме на овој Божик во својата човечност и братство, во своето родителство и родољубие, во својата вера и љубов кон сиот свет ,,.

Христос, пак и повторно, се раѓа во сите луѓе со добра волја. Тоа е тајната на самиот Троичен Бог. Денеска го славиме и својот роденден, зашто преку Божик се раѓаме како нови луѓе, нè пресоздава Бог за остварување на нова и повозвишена љубов. Денес е почеток на нашето спасение, започнува нашата нова ера, нашата обновена и осмислена света историја. 

Христос се раѓа во нас ако го отфрлиме и закопаме гревот, ако се обратиме и одлучиме да живееме еден нов живот, ако дозволиме Божјиот дух да проникне во нас, ако му допуштиме заедно со нас да чекори со нашите нозе, да дејствува со нашите раце, да зборува со нашиот јазик. Ако во сите неволји и неприлики продолжиме да го прославуваме Бога, ако со Него ги трпиме неправдите и ако со Него ликуваме, се радуваме и благодариме. 

Во еден дел од посланието Владиката Агатангел говори и за Македонија и Mакедонскиот народ 

,,Македонскиот народ е неуништива фиданка од чии ластари се разгрануваат најубавите и најмирисни цветови. Мнозина низ историјата ги кастреле и потсекувале неговите млади и штотуку подникнати гранки, но со Божја помош, тие повторно никнувале со уште поголема убавина. Така е, оти таква била волјата Божја. Она што Бог го осенил со Својата светлина, силите на мракот не можат да го надвладеат. Со Божја помош ќе се зачуваме себе си, своето име, својот јазик и национални обележја и покрај силните бури кои нè оддувуваат и гладните усти на мерзоста на запуштението кои во еден залак нè проголтуваат. Македонскиот народ е налик на пророкот Јона, кој и по поминати три дена во утробата на китот, се ослободил преку праведноста своја и продолжил со иста жар да го слави името Божјо,,.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »