речник контакт

Владиката Агатангел - венчајте се во црква сега, свадбата може и догодина

Не смееме да кукаме и да се плашиме, туку да најдеме нов начин на живеење - порача владиката Агатагнел

Петар Печков

Митрополитот на Повардарската Епархија, владиката  Агатангел ги повика младите верници од епархијата, доколку планираат брак, годинава да се венчаат во црква а свадбата да се прави кога ќе има услови, па и догодина. Тој апелира до брачните парови, децата да ги крштаваат додека се уште мали. 

Многу млади парови планираа годинава да се венчаат, да го исполнат сонот на нивните родители, да започнат самостоен живот, но пандемијата ни ги поремети плановите. Многумина ги одложија венчавките, затоа што не можат да направат свадба во ресторан. Ве повикувам, сите вас, млади, кои планирате да стапите во брак, да не го одложувате тој момент, туку и без свадба да се венчате во црква, да добиете благослов Божји за брачен живот, па свадбата нека биде догодина, заедно со крштавката. Исто така апелирам да ги носите децата на крштевање додека се мали, се разбира, со помалку луѓе, бидејќи, ако го одложите крштевањето, тоа може долго да потрае, а децата растат, почнуваат да се плашат и да се срамат, и може да останат некрстени - вели во посланието Владиката Агатангел.

Тој потсетува дека новата заразна болест, која се прошири низ целиот свет  го поремети животот на сите,  ги измени сите планови.

Како христијани не смееме да кукаме и да се плашиме, туку да најдеме нов начин на живеење. За последните времиња во Евангелието се вели дека „луѓето ќе се женат и ќе се мажат“, односно, животот ќе си тече како и обично, па така, и во текот на пандемијата, мораме да вложиме усилија, да си го живееме животот со претпазливост, но и без паничен страв- објаснува владиката Агатангел. 

Во неговото послание, тој се навраќа и на трендот присутен последните децении, кога се зголемува возрасната граница на младите брачни парови.

Голем процент од младите парови се околу 30 или над 30-годишна возраст. Тоа е тренд кој трае во последниве 2-3 децении, но истиот тој тренд создава големи проблеми понатаму, како што е бездетноста. Сите живи созданија си имаат свој биолошки часовник, имаат време на растење и созревање, време на раѓање и стареење, и време за умирање. Кога стапуваме во брак над 30 годишна возраст, тогаш треба да сме свесни и за ризикот кој си го носат годините-  потенцира Владиката Агатангел.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »