речник контакт

Владиката Агатангел- Христос се роди, нека е благословено новото лето Господово

Љубите ги непријателите свои и благословувате ги оние кои ве повредуваат или ви чинат зло. Лажни пророци, со слаткоречиви пораки и ветувања одбегнувајте ги.

Петар Печков

МИТРОПОЛИТ ПОВАРДАРСКИ,

ДО СВЕШТЕНОСЛУЖИТЕЛИТЕ, МОНАШТВОТО И ВЕРНИТЕ

ЧЕДА НА МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА, ОДНОСНО ПОВАРДАРСКАТА ЕПАРХИЈА, А ПО ПОВОД РОЖДЕСТВОТО ХРИСТОВО - БОЖИК, ИСПРАЌА АРХИПАСТИРСКИ БЛАГОСЛОВ

И МИР ОД БОГА

Возљубени наши духовни чеда!

Она што од дамнини го очекуваа праотците, она за што пророкуваа пророците, и она што посакуваа да го видат праведниците, токму тоа се случи кога се исполни времето и токму тој голем божествен настан денес го славиме. Бог се јави на земјата во тело и живееше меѓу луѓето, ни ги приближи небесата, за да можеме ние духовно преобразени и прочистени да се искачиме во нејзините пазуви. Денес го славиме величието на Промислата Божја, која го надминува секој човечки ум! Да се зарадуваме и развеселиме, возљубени, како што заигра од радост свети Јован Крстител во уторобата на мајка си, при средбата со Господа, да се радуваме со пастирите кои со восхит Го гледаа и Му се поклонија, да Му ги принесеме на Новородениот Младенец нашите срца, како што мудреците му принесоа скапоцени дарови, да Го славиме на земјата, како што го прославија ангелите на небесата, воскликнувајќи со зборовите: Слава му на Бога во височините, а на земјата мир и меѓу луѓето добра волја!

 

Драги браќа и сестри!

Бог е живот. Христос е вечниот Богочовек, Кој како Бог слегна од небесата и преку благочестивата Своја мајка Марија го прими човековото тело, и како Богочовек по Неговото славно Вознесение, седна од десната страна на Отецот. Природата човечка конечно е закотвена во заливот на Света Троица - нашиот Бог. Никогаш повеќе нема да може човечката природа да се оддели од Бога. После Божик, после воплотувањето Христово, преку искрено и делотворно покајание повторно можеме да се соединеме со Бога, дури и кога како луѓе, заради нашите слабости, свесно или несвесно, знајно или незнајно ќе згрешиме. Ова е нашата најголема духовна придобивка и заради тоа денес, нашите срца и души се украсени со велелепност, духовен сјај и благодарствени песни.

Возљубени наши браќа и сестри Македонци!

Мудреците од Исток, следејќи го блесокот на ѕвездата, поминаа долг пат за да Му се поклонат на новородениот Спасител, Господ Исус Христос. Од нас не се очекува да поминеме илјадници километри, туку е доволно да дадеме само неколку чекори, за да дојдеме до нашата парохиска црква и овде лично, но и соборно на Светата литургија, да Го пронајдеме Господа. Подготвувајќи се со пост и молитва, смирувајќи се како што и Господ се смири заради нас, достојно да се причестиме и да ја примиме благодатта Божја. Само така ќе станеме едно со Црквата, едно со Исуса Христа, едно со нашиот ближен. Градејќи заедница со Богомладенецот Христос, да ја зголемиме радоста на брачната љубов, да ја зацврстиме заедницата на семејството, бидејќи духовно здраво и стабилно семејство, води кон духовно здравје и стабилност на Светата мајка наша - Македонската православна црква и на Светата наша татковина - Република Македонија. Останете бодри во духот и цврсти во доброто. Не заборавајте да ги љубите непријателите свои и да ги благословувате оние кои ве повредуваат или ви чинат зло. Токму ова ќе ве разликува од лицемерните и суетните, кои се со лица светли, но со срца злобни. Лажни пророци, со слаткоречиви пораки и ветувања одбегнувајте и не следете ги. Хранете се со божествената мудрост и проникливост во секој миг и со секоја воздишка и само така ќе бидеме народ свет и осветен - пример за другите народи и залог за идните поколенија.

Христос се роди! Навистина се роди!

Нека е среќно и благословено новото лето Господово!

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »