речник контакт

Во 2023 година во Велешко природниот прираст во минус, повеќе починати жители отколку родени бебиња, но затоа има поголем број склопени бракови и помалку разводи

На почетокот од 2024 година 66 ученици од основното и средно образование се отпишале поради промена на адреса и место на живеење. Според пописот од 2021 Општина Велес броела 48.215 жители, додека претходниот во 2002 имала 55.108 жители

Петар Печков

Минатата година природниот прираст во Велес бил во минус од 226 лица. Толкава е разликата помеѓу новородените бебиња со адреса на живеење на родители во Велес 329 и бројот на издадени одобренија за погреб -555, на некој од гробиштата во општина. 

И натаму државата нема механизми да се избројат луѓето кои се иселуваат во странство, па не може да се каже дали ова бројка од намален прираст е и конечна, оти постои и внатрешна миграција иселување и доселување во градот.

„Има повеќе фактори кои влијаат на намалувањето на природниот прираст. Клучни се  иселувањето на младите, миграцијата на ова група граѓани,  тие што треба да го зголемат наталитетот, лица на возраст од 20 до 35 години. Потоа  не` помалку важен фактор е што подоцна се стапува во брак, зголемување на возрасната граница кога младите ја озаконуваат нивната врска. Тоа пак резултира со најчесто по едно дете во семејство“ - кажа социологот Марија Јанушева. 

Секако тука треба да се земе и фертилноста кај брачните парови.   

На почетокот од 2024 година 66 ученици од основното и средно образование се отпишале поради промена  на адреса и место на живеење.

Бројките добиени од  ЈЗУ Здравствен дом Велес, Служба за превентивна здравствена заштита за предучилишните деца, покажуваат дека лани биле родени  329 што е за 59 бебиња помалку отколку во 2022 година кога имало 388.

Издадените одобренија за погреб од ЈКП Дервен покажуваат дека има пад  и на починати во Велес и селата. Лани биле издадени 555 одобренија додека во 2022 имало 618 дозволи за погреб.

Според пописот од 2021 Општина Велес броела 48.215 жители, додека претходниот во 2002 имала 55.108 жители. Или за две децении бројот на жители во општината  се намалил за безмалку седум илјади жители.

Ако нешто може да радува е што во 2023 година имало повеќе склопени бракови во велешко. Управата за водење на матична евиденција Велес во 2023 има  регистрирано  416 склопено  брака, што е зголемување од 33 во однос на 2022 година кога имало 383 венчани пара.

Затоа пак лани се бележи пад на бројот на разводи, на подрачјето на Основен суд Велес. Во текот на ланската 2023 година забележан е пад, во однос на 2022 година, за бројот на разводи случени на територијата на Основен суд Велес. Во 2022 година заведени се  вкупно 169 тужби за развод на брак а во 2023 година заведени се вкупно 149 тужби за развод на брак.

АНКЕТА »

Дали ФК Борец ќе го мине баражот и од есен ќе игра во Втората фудбалска лига?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »