речник контакт

Во 21 век живеат во темнина

Секојдевица за петчленото семејството Чоко е живот без удобствата на новото време.

Петар Печков

Секојдевица за петчленото семејството Чоко е живот без удобствата на новото време. Нивната мака е една, живеат во село кое нема струја. Кишино се наоѓа на периферијата од Овчеполието, во реонот на Ува, општина Лозово, на половина час од Велес.

Градот велат го гледаат ноќе, кога одблесокот на светлото зрачи во темнината. Во селото не доаѓа поштар, ниту има патоказ и тешко се доаѓа доколку нема некој со вас што го знае патот до него. Двесетината жители на Кишино живеат во темнина. Некои работи нив им служат како декор, како што е часовникот, кај нив работи природниот, внатрешниот саат.

\"\"

- Го употребувам само наутро кога треба малиот да го носам во осум на училиште, во другот период од денот, ориентир ни е сонцето, со него легнуваме, со него стануваме - вели триесетиосумгодишниот Беадин глава во семејството Чоко. На прашањето каков е животот без струја, во шега одговара, исто како вас во град кога ќе снемате еден час, само што кај нас тој час трае цел век. Кога се пожаливме на тешкиот земјен пат, по кој се доаѓа до селото, одлучно вели дека е добар и додава дека маката го научила тоа што го има да го цени.

Тој има три деца, четиринесет годишната Беадета, единаесет годишниот Албен и четиригодишната Суљба. Тие сесрдно помагаат на мајката Сара, која секојднево го подготува домашниот леб, храната, ги пере алиштата, но нема пегла. На прашањето, како тоа изгледа, готовите алишта да не се испеглаат, за нас непоимливо, за неа секојдневица и одговор нема.

- Знам да зготвам ручек, да ги измијат садовите, спрострам алиштата. Со брат ми и малата сестра играме фудбал на пољана или криенка, бидјеќи за други игри немаме услови - објаснува Беадета која учи во Лозово, седмо одделение. Преку неделата останува таму, а дома доаѓа во петок попладне и назад се враќа во понеделник наутро. Таа и брат и Албен, кој е четврто одделение се одлични ученици, со сите петки. Знаат навечер покрај газиената ламба да седат и ги работат домашните. Албен учи во Дорфулија и татко му го превезува секој ден до училиште и назад. Доколку е случи патот да биде непрооден, останува во Дорфулија каде има соба за преноќување.

- Слушам музика на радио кое работи на батерии. Сакам да го слушам Тоше Проески, кого за жал го немаме видено како изгледа, бидејќи имаме телевизор, но тој е само украс, нема каде да го вклучиме - вели Албен, околу кого постојано се врти најмалата сестра Суљба.

Таа не ги знае цртаните јунаци на Дизни и не заспива со Том и Џери, Попај морнарот или некој друг јунак од тв екраните. Иако за на лекар мораат да одат до Лозово, велат малку го користат, бидејќи здравјето добро ги служи. Тоа се гледа по обравчињата на трите деца, кои се алово црвени.

\"\"

Куќите во селото се од камен, кровот од камени плочи. Во дворовите има трактори, бидејќи им се потребни за земјоделските активности, се живее од  одгледување на стока. Беадин има триста овци, млекото го продава а сега ќе стигнат и јагнињата. Но се грижи дали ќе успее  од нивната продажба да го плати јачменот, кој го купил како храна за стоката. Вели 400 евра бил тон јачмен и може да се случи сите пари од јагнињата да отидат за сточна храна.

\"\"

- Не се жалам, бидјеќи сам се решив тука да живеам. Бев 17 години во Италија, Германија, Швајцарија, ама ме влечеше татковината, куќниот праг. Повеќето до селото заминаа во Гора, Косово, но доколку како што ветуват донесат струја, сите ќе се вратат - вели Беадин Чоко.

Во Кишино сите жители се од семејството Чоко, македонци муслимани, село во кое го нема детскиот жагор, ниту светлото од сијалицата. Така е и во соседното Бекријлија, каде исто има дваесетина жители.

Но надежта, познато е последна си оди. Овие две села се следни на листата што треба да бидат електрифицирани и тоа уште пролетва.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »