речник контакт

Во Лозово ќе се гради кафилерија

Во фабриката ќе се преработуваат нус-производите од животинско потекло а за тоа сопствениците ќе добиваат надомест. Чини 9,5 милиони евра и треба да биде готова во 2021 година

Петар Печков

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) најавува изградба на кафилерија. Фабриката во која ќе се преработуваат нус-производите од животинско потекло ќе биде лоцирана во Општина Лозово и се очекува да профункционира во 2021 година. Како што вели директорот на АХВ, Зоран Атанасов, средствата, околу 9,5 милиони евра, се веќе обезбедени, а ќе бидат достапни од 2020 година.

Фабриката на почеток ќе произведува високо енергетски масла, но идејата е, по две до три години да почне и со продукција на биопротеини.

Активноста е во тек. Одредена е локацијата, обезбедени се и финансиските средства. Дел ќе дојдат преку европските ИПА фондови, а дел преку заем од Светска банка. Договорот со Светска банка треба да се потпише во јуни годинава. Потоа ќе се пристапи кон формирање јавно претпријатие. Во меѓувреме, АХВ ќе почне со прибирање на потребната документација за изградба на фабриката. Планирано е во февруари 2020 година средствата да бидат достапни и тогаш, практично, да почне изградбата“, објасни Атанасов.

Освен изградба на фабрика, проектот предвидува и набавка на специјализирани возила и машини.

Досега нус-производите завршуваа на депонии. Тоа дополнително ја загадуваше средината, а и сопствениците на животни се мачеа, копаа јами, дупки. Сега, едноставно, ќе пријават до службите, тие ќе дојдат и ќе ги земат пцовисаните грла или нус-производите од фармата. Се работи за коски, внатрешни органи од кланици, расипани производи од месо, млеко, мрши кои може да се искористат и да се претворат во нешто што ќе има вредност. Засега е планирано од нус-производите да се добиваат високо енергетски масла кои ќе се искористат за добивање енергија. 

Наместо да им плаќаат на депониите за уништување на нус-производите и мршите како сега, економските оператори кога ќе почне да работи кафилеријата, всушност ќе добиваат пари – одредена сума за килограм нус-производ од јавното претпријатие кое ќе биде должно да дојде и да ги преземе остатоците од расипаните производи или изумрените животни. Од друга страна, со патолошкото секцирање на мршите ќе се утврди кои болести во кои региони ги има и врз основа на тие податоци АХВ ќе ги развива програмите за здравствена заштита на животните.

Според Атанасов, годишно во земјава се „создаваат“ околу 15.000 – 20.000 тони нус-производи.

Македонската кафилерија има можност да прерасне во регионална ако се земе предвид дека најблиску ваква фабрика има во источниот дел на Бугарија, а тоа, според тамошните служби, им е далеку за транспорт на некои од бугарските оператори. Кафилерија нема во северниот дел на Грција, а на Косово постои само акцелератор за спалување.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »