речник контакт

Во Стоби пронајдени три значајни предмети

Пред три седмици во Римскиот храм од страна на археолозите пронајдени се неколку значајни материјални остатоци машка глава, глава на богот Дионис, мала женска глава, делови од женска скулптура,

Петар Печков

 Трета година по ред траат обемните истражувања на локалитетот Стоби, а  наредните месеци главни сектори на работа се  театарот, римскиот храм, римскиот форум, полукружниот плоштад, епископската базилика, северозападниот бедем. Работите започнаа на  20 март а повеќе од 65 стручњаци археолози и четиристотини работника истражуваат простор на десетина хектари површина.

Пред три седмици во Римскиот храм  од страна на археолозите пронајдени се неколку значајни материјални остатоци машка глава, глава на богот Дионис, мала женска глава, делови од женска скулптура, една подлактица и две потколеници, кои предизвикаа внимание во јавноста и кај стручњаците.

Главата е многу чудна, и ни треба малку повеќе време за да можеме временски да ја определиме. Според стилот  на изработка на косата припаѓа на први век, додека според начинот на обработка на веѓите и очите укажува на подоцнежно време. Ваква обработка на зениците не се сретнува пред втори век, веѓите пак укажуваат на ран трети век. Се уште е тешко да се каже  кога е таа изработена, чија е и како таа се нашла во храмот.

Се работи за биста, не за целосна фигура. Невообичаено е што до неа се најдени глава на Дионис која е од различен мермер во однос на машката, и пронајдената женската глава е различна изработка, не можат  сите три да се поврзат. Предметите бараат многу труд за да се открие нивната историја – вели Силвана Блажевска директор на Националната Установа Стоби.

Пред  две години 2008-та при истражувањата на овој храм откриена е дупка во сводот од едната просторија на храмот, што значело дека е ограбен уште во  антиката,  додека  при ланските ископувања пак била откриена руска копејка од 1863-та година, што на археолозите им открило дека и во 19-ти век бил ограбен. Иако во претходните истражувања на Римскиот храм ништо не укажувало дека ќе се најде нешто конкретно, дека ќе се најде движен материјал, бидејќи во просторијата имало шут,  годинава се случил неочекуван пресврт. 

Се откриле предмети чија историја допрва треба да се открие,  бидејќи сите тие припаѓаат на различен временски период, најверојатно тука биле фрлени и затрупани а храмот во доцната антика бил повторно употребен. Стручњаците потсетуваат дека  во доцната антика немало почит кон паганската уметност, скулптурите ги гледале и употребувале  како градежен материјал, па за тоа  најдените скулптури според археолозите биле намерно скршени и фрлени во храмот. 

Ќе се истражува и храмот,  кој е со две простории, со малтерисани ѕидови на кои нема траги од боење, со своден кров.  Во чија чест е тој подигнат, на кого припаѓа, кој го подигнал, на кому е посветен, се прашања кои треба да се одговорат. Храмот е спроти театарот и Блажевска и нејзините колеги  очекуваат најголема концентрација на градби од рано римскиот период. Освен на ископување се работи и на конзервација на досега сработеното.

Работиме и на подготовки за проекти за конзервација, пред се на северозападниот бедем, откриен лани во должина  од 325 метри со пет кули, кој одлично е сочуван. На него јасно се забележуваат две градежни фази, кои припаѓаат на доцно античкиот период.  Поставивме  пробни сонди, за да откриеме до каде оди темелот, но, откривме уште еден бедем кој оди во иста линија. Има различен опус на  ѕидање и веројатно се работи за постар бедем. Работиме и на до истражување и подготовки за конзервација на градбите над полукружниот плоштад, односно на рано византискиот град, кој датира од втора половина на 6-ти век, тоа е периодот пред Стоби да биде напуштен.  

Исто се истражува Епископската базилика која ја откриле германците во текот на Прва Светска војна. Треба да се најде начин како таа да се конзервира и презентира пред јавноста, бидејќи е најстарата базилика во Македонија, со сочувани мозаични подови, со сочувани фрески на ѕидовите, истите да се вратат во Базиликата и како да се претстават двете фази од нејзината градба – вели Блажевска. 

Први историски извори за Стоби потекнуваат од Тит Ливиј  кој го спомнува градот во врска со при  победата на Филип пети над Дарданците, во втори век п.н.е.  и го лоцира на устието на двете реки Црна и Вардар. Откриените постари наоди, карактеристични македонско – пајонски бронзи кои говорат дека населбата е постара, од помладото железно време од 7 век п.н.е. 

Во првиот век е подигнат римскиот град, кој зафаќал огромна површина преку 20 хектари. Последното живеење на Стоби датира од последната деценија на 6-тиот век кога е напушен од непознати причини, варварски упади, временски непогоди, по што жителите решиле да си заминат. Градот е   на ранг на муниципиум, втор по општествен ранг во Македонија, после Скупи кој бил колонија. Стоби е единствен град на подрачјето на Македонија кој кова сопствени пари. Во него имало и Синагога,  реткост на овие простори.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »