речник контакт

Во велешката касарна двојна церемонија, свечена промоција во прв подофицерски чин и заклетва на професионалните војници (фото)

Изминатите месеци новите подофицери и професионални војници, се школуваа, образуваа според стандардите на НАТО. Обуката се изведе во Командата за обука и доктрина во Велес

Петар Печков

Во Велешката касарна Алексо Демниевски Бауман заклетва положија новите 150 професионални војници и 120 нови подофицери, кои од денес станаа дел од големото семејство на армијата. 

Ова е за прв пат на двојна церемонија,  заедничка заклетва да даде  овој  професионален кадар на армијата.  Министерката за одбрана Славјанка Петровска кажа дека Македонија  ги следи НАТО стандардите.

„Командата за обука и доктрини е клучната карика преку која новите војници се надоврзуваат на Армијата. Процесот на обука тука е само првото скалило кое овозможува влез во војничката кариера, но личното унапредување и усовршување никогаш не треба да запрат. Како што се менуваат предизвиците во светот во кој живееме така и ние се менуваме и прилагодуваме. И тоа и дава поткрепа на нашата лична отпорност. А градењето на отпорност како една од клучните концепти на НАТО треба секогаш да започне со личен пример. Нашата подготвеност брзо, ефикасно и одлучно да реагираме на секоја ситуација ја покажува и нашата подготвеност да ги одбраниме вредностите кои ги споделуваме и да ги заштитиме државата и нашите граѓани“ - кажа Петровска.

Изминатите месеци новите подофицери и професионални војници, се школуваа, образуваа според стандардите на НАТО. Обуката се изведе во Командата за обука и доктрина во Велес.  Меѓу новите професионални војници 14 се жени а кај подофицерите четири.

„Овозможивме двојно поголем буџет на одбраната, набавка на современа опрема и вооружување, реконструкција и ревитализација на објектите и инфраструктурата кои се од стратешки интерес“ - додаде Петровска.

Беа прогласени и најдобрите тројца подофицери кои добија признанија а за најдобар беше прогласен водник Димче Вакадински, пред  водник Филип Ангелковски и на треторангираниот водник Александар Трајковиќ.

Во своето обраќање од свечената говорница, прворангираниот Вакадински рече дека дошле 120 и си ветиле братски едни на други и со голема иницијатива да завршат сите 120.

„Токму тоа и го остваривме. Научивме да станеме и кога ни беше најтешко, да бидеме пред другите бидејќи бевме колектив кој изгради голем соживот. Чекоревме храбро и чесно заедно со тимот инструктори низ ден и ноќта и токму затоа успеавме да ја постигнеме оваа наша цел, означена со кохезија, тактичност и држење еден до друг бидејќи станавме лидери. Затоа од денес, нашата Армија е горда и побогата со 120 високо обучени НАТО подофицери“ порача Вакадински.

АНКЕТА »

Дали ФК Борец ќе го мине баражот и од есен ќе игра во Втората фудбалска лига?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »