речник контакт

Во велешко за десет илјади работници нема платено придонеси, рекордер Киро Ќучук

Шестотини работници на АД Киро Ќучук три години се без платени придонеси кон Фондот за пензиско и инвалидско осигурување а година и половина со неплатени придонеси кон Фондот за здравство.

Петар Печков

Шестотини работници на АД Киро Ќучук три години се без платени придонеси кон Фондот за пензиско и инвалидско осигурување а година и половина со неплатени придонеси кон Фондот за здравство. Вкупниот долг на ова некогаш моќно велешко друштво е 56 милиони денари, од кои 40 се кон ПИОМ и 16 кон Здравство.

Керамичката индустрија е убедлива најголем неплаќач на листата на придонеси кон државата бидејќи има долг и кон УЈП од 31 милион денари за неплатен ДДВ и персонален данок. На листата на должници кон двата Фонда фигурираат истите друштва - Велеспром, Колска, Транс Велес, Тедико а последните две веќе се отидени во стечај. Вкупниот долг кон Фондот за пензиско и инвалидско осигурување изнесува 130 милиони денари.

Во 240 фирми на подрачјето на општините Велес, Чашка и Градско кои должат  за пензиско осигурување, работат 10 илјади работници, поголемиот дел од нив се до десет вработени лица.

- Побаравме од УЈП, доколку до Нова година не се плати дел од долгот, сметките на фирмите должници да бидат блокирани и долговите присилно наплатени. Но стравуваме дека од ова малку ќе имаат корист државата и вработените,бидејќи друштвата на овие сметки немаат средства - изјави Боби Стефановски раководител на ПЕ на овој ПИОМ во Велес. Поради ваквата состојба од страна на Фондот во Скопје се погласни биле најавите дека ќе бара отварање на стечај на големите фирми должници со цел да се наплати нешто од побарувањето.

Праксата на неплаќање на придонеси ја прифатиле и странците, така грчката фирма за производство на електрични апарати ,,Инокс електрик“ година дена нема платено 2,5 милиони денари за стопедесетте вработени.

Од друга страна позитивен пример кон двата фонда  е АД Вардар од Градско, сопственост на екс вицепемиерот Минчо Јорданов, кој откако го купил друштвото во голем дел ги платал неплатените придонеси за 200 вработени за претходните три години. Во Фондот за здравство резултати дала акцијата која е во тек за плаќање на придонесите и поради можноста за извршување на  долгот, тој бил регулиран кај одредени друштва како што е Маслодајна. Долгот го платиле и повеќето велешки адвокати, кои дототаш ја избегнувале оваа обврска.

Редовни плаќачи на обврските кон фондовите се Брако, Агрија, Крзнарата, Ветекс, Динамо Хит, каде се вработени околу две илјади работници, што е пет пати помалку од тие што работат  а се со неплатени придонеси.                   

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »