речник контакт

Во влашкото маало жолти куќи високи

Во првите години на минатиот век, Велес ја добил црквата Св.Богородица, позната како Влашката црква, бидејќи ја изградиле богатите власи од градот и бидејќи тогаш се наоѓала во Влашкото маало.

Петар Печков

Во првите години на минатиот век, Велес ја добил црквата Св.Богородица, позната како Влашката црква, бидејќи ја изградиле богатите власи од градот и бидејќи тогаш се наоѓала во Влашкото маало. Околу неа сите куќи биле варосани со жолта боја а таа со белината отскокнувала од средината. Власите во Велес се доселиле по големиот погром кои го доживеле  во Албанија при крајот на 18 век.  

Разни качачки банди знаејќи какво богатство крие Москополе, во 1789 година градот го ограбиле и целосно го разурнале, жителите емигрирале насекаде низ Балканот а некои се доселиле во Велес. Тие биле богати и граделе големи куќи по кои лесно се препознавале, куќите биле трокатни со чардаци, со резбани тавани. Власите во Велес се занимавале со трговија, земјоделие и сточарство.

Меѓу куќите на Чекрдекови, Андрееви, Костеви бил и домот на чорбаџиското семејство на Цибреви. Тие биле прогрчки настроени, синовите таткото ги испратил да студираат во Солун а ќерката ја крсти Нике, по митската божица на победата. Таа по ставата и ликот навистина била како божица, висока, стројна, црноока. Ергените веќе покажувале интерес за неа а во вторник и петок кога таа со мајка и одела на пазар, сите го чекале тој момент да ја видат. Многу ја сакал и Мите Џајков, висок стасит ерген, со мустаќи и постојано со астарганска капа.

Бил весел по природа и имал доста пари, па постојано бил во кафеаните и ги честел пријателите и другарите. Таткому се занимавал со трговија на кожи, во дуќанот работеле браќата му а тој деновите ги минел со песна и друштво. Миле и Нике тајно се гледале и засакале. Нивните семејства дознале за љубовта меѓу младите и додека Џајковци се подготувале да ја побараат за снаа, Цибреви не се согласувале Нике да оди со момче кое иако било богато, не се докажало во животот и не ветувало дека ќе биде добар домаќин.

И покрај противењето на Нике, родителите ја однеле во Солун каде ја омажиле за некој трговец. Срцето на Миле по ова било скршено, не излегувал од кафеаните. По смртта на таткому и поделбата на имотот со браќата, набргу останал без пари. Го прибрал чичкому Алексо. Умира 1932 година.  

По мажачката на Нике во Солун Цибреви не остануваат долго во Велес, сите заминуваат за Солун. Но остана песната, која велешеани ја чуваат сите овие години а на Никифор Смилев му ја прераскажа велешкиот уметник и боем Саздо Хаџи Петрушев.





Во влашкото маало

Во влашкото маало
жолти куќи високи. x2
Ој Јанино, баш Јанино
жолти куќи високи. x2
 
Крај порти ми седеше
момето на Илчови.
Крај порти ми седеше
и на ѓерѓеф везеше.
Ој Јанино, баш Јанино
и на ѓерѓеф везеше. x2
 
Оздола иде млад Стојан
и на моме говори:
дај ми го моме ѓерѓефот
ќе ти дадам два гроша.
Ој Јанино, баш Јанино
ќе ти дадам два гроша. x2
 
Не ? даде два гроша
тук\' ја фати за рака. x2
Ој Јанино, баш Јанино
тук\' ја фати за рака. x2

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »