речник контакт

Во посета на Градско и Стоби

За најсушниот предел во Македонија а сместен помеѓу Вардар, Брегалница и Црна

Петар Печков

За половина час со автомобил, и за исто толку  со воз патување од Велес се пристига во Градско, центар на истоимената општина во Повардарјето. Населбата покрај железничката пруга Скопје – Солун била подигната за време на градењето на пругата и станицата. Пругата е градена од 1871 до 1873 година, а станицата била една од најголемите и најубавите во Македонија, за жал, минирана од германските трупи во 1944 година.

Токму во зградата на некогашниот хотел, кога Германците ја уривале преубавата железничка станица, како што ми раскажуваа Буби Картулков и неговата сопруга Драгица, една ноќ преспал германскиот генерал Александар фон Лер, кој го раководел повлекувањето на германските трупи од Грција и Албанија, човекот кој го бомбардирал Белград и кој во февруари 1947, како воен злосторник, бил осуден и стрелан во Белград.

Меѓу моќните води на Аксиј, Еригон и Брегалница

Во време на поставувањето на пругата  „никнале“ и првите угостителски објекти во Градско, а по завршувањето на Првата светска војна бил изграден и хотел,  кафеани, слаткарници, фурни. Луѓето се гостопримливи и добри кулинари. Ако ви се посреќи може да јадете риба по избор - од Вардар или од Црна Река, а ќе ве понудат и со добра домашна ракија и вкусно вино. И други специјалитети од свежи продукти од градините или бројните оранжерии покрај Вардар.

 
Куќите тука се главно со убаво уредени дворови со многу цвеќиња и задолжително градина. И, маса во дворот. Ова е едно од најсушните места на Балканот, а меѓу животворните води на Аксиј, Еригон и Брегалница,  и блескавоста на древноста во Стоби.

Префлете  се преку мостот од другата (уланска) страна на најдолгата македонска река и прошетајте по песокта каква што има само на најубавите морски плажи, прекрасна за сончање. Похрабрите може и да се искапат. Потоа искачете се до старата селска црква „Свети Никола“ во Уланци, градена од 1820 до 1830 година, а фрескоживописана во 1832 година и потем воодушевувајте се на панорамата на благиот и питом терен.

На два километри од населбата во правец на реката Вардар е селото Градско или Старо Градско, како што го нарекуваат мештаните, за кое се претпоставува дека било основано по 518-та година, по катастрофалниот земјотрес што го разрушил тогашниот значаен центар Стоби. И така во близината на моќниот град кој останал пуст, се развило селото Градско.

Општина Градско се протега од двете страни на реката Вардар, во средното Повардарие, пред влезот во Тиквешката Котлина, во средишниот дел на Македонија. Во општината во реката Вардар се влеваат двете нејзини најголеми притоки, Брегалница и Црна Река поради што е рај за риболовците.
Едно време, првиот утрински воз од Скопје го нарекуваа рибарски. До Градско ќе се изнаслушате духовити рибарски приказни, за уловените сомови како прасиња, за „рибарите“ кои ноќем со голи раце, забивајќии им ги во шкргите на рибите, фаќале големи сомови...

На влезот на Градско е винаријата „Стоби“, отворена за туристички посети. Во ресторанот, како посебен ексклузивитет, може да се случи да ве пречека и да ве послужи некој од мега ѕвездите на ракометниот клуб „Металург“.

Градско било и е сообраќајна и трговска крстосница како резултат на географската поставеност, рамничарскиот дел на средиштето на Македонија, распослано на двете страни на средното Повардарие. Во Градско животот целосно се доживува, но за тоа треба да се посети археолошкиот локалитет, споменик на културата од национален интерес од прва категорија, кој е на листата на Светскиот фонд за споменици, меѓу 67 локалитети и споменици од 41 земја во светот.

Стоби, на сливот на Црна Река во Вардар, бил најголемиот град во северниот дел на римската провинција Македонија, подоцна главен град на провинцијата Македонија Секунда и значаен урбан, воен, административен, трговски и религиозен центар на две големи империи: римската и рановизантиската.

Сместен во срцето на Македонија, на крстопатот меѓу егејскиот свет и централниот Балкан, во текот на целокупниот период од своето постоење претставувал средиште, во кое се слевале културните придобивки на античкиот свет.

Остатоците на овој надалеку познат археолошки локалитет се еднакво лесно пристапни од меѓународниот автопат, што го чини Стоби мошне популарна туристичка дестинација во Македонија. Ноќната илуминација на градските ѕидини и откриените градби дополнително ја нагласуваат неговата атрактивност и убавина, посочуваат од оваа значајна национална иституција.

Најзначаен споменик од римскиот град е театарот, изграден во 2-3 век од н.е. кој и денес е во функција и каде што во текот на летото се одржува Меѓународниот фестивал на античка драма. Според своите карактеристики и по толку векови се наметнува како перфекционистичка градба.
Овде биле подигнати повеќе импозантни цркви со мозаици и фреско-живопис и од фактот што во Стоби постоела еврејска заедница од 3-от век чии остатоци се видливи...

На откриените монети претставени се разни сцени мегу кои и Грабањето на Персефона. Во Стоби се откриени повеќе базилики, бањи, Римски форум, повеќе улици, плоштади, чешма, куќи и луксузни палати, епископска резиденција, крстилницата со луксузни мозаици на кои се претставени пауни, барски птици и елени, гробишта, па и коцкарница (казино).

Во Стоби за неколку евра може да купите прекрасен сувенир, теракотна копија на некој од пронајдените артефакти како што е на  Афродита – божицата на љубовта, претставена гола, пред капење, необична теракотна фигурина со богот на виното, виновата лоза, театарот и плодноста, Дионис, седнат на лав, потоа на Ерос, на исконското божество на љубовта, страста и сексот. На Стоби се откриени неколку варијанти на Ерос на кои божеството е претставено во стоечка положба, со малку подраширени нозе.

 текстот е преземен од МИА

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »