речник контакт

Во реонот на Пешти откриена гробница на белоглави орли

Велешките спелеолози во месноста Пешти открија гробница на белоглавите орли, ретки птици кои се помалку ги има во Македонија.

Петар Печков

Велешките спелеолози во месноста Пешти открија гробница на белоглавите орли, ретки птици кои се помалку ги има во Македонија. Неодамна експедиција на ПД „Солунска глава“ предводена од инструкторот Борче Јовчевски, кој во 1989-тата учествуваше во освојувањето на врвот Монт Еверест, се симнале во јама длабока 40-тина метри каде на големо изненадување за нив пронашле одлично сочувани тела на починати белоглави орли.



- Ги испитувавме пештерите во месноста Пешти, над реката Бабуна и во една од нив, на десната страна пронајдовме тела на два пара мртви белоглави орли кои како да беа мумифицирани, како и многу коски од други претходно починати птици. Ова е интересно откритие бидејќи во овој локалитет веќе десетина години ги нема овие со закон заштитени птици – вели Слободан Ѓоргиев, еден од членовите на оваа експедиција. За нив е чудно што орлите се одлично сочувани со перудви на телата. Тие не можат да кажат пред колку време се умрени и од што, но затоа ги покануваат орнитолозите, да го посетат локалитетот и ја анализираат оваа појава. Велешките спелеолози нудат и помош за стручњаците да се симнат во пештерата, која била длабока точно 41 метар, безмалку вертикална но со скалест приод.



- Чудно е што овие ретки птици ги најдовме доле, бидејќи тие во темнина не гледаат а прашање е како се симнале таму, теренот е со препреки. Згора на тоа има измет, што ќе значи дека тие таму умирале полека со денови – објаснува Ѓоргиев. При пронаоѓањето на телата на птиците тие измериле дека се долги еден метар со распон на крила 2,5 метри. Тој потсетува дека пред десетина години нашле слична гробница во пештера од спротивната страна на реката, наречена Бунар, каде имало тела од умрени белоглави орли.



Белоглавиот мршојадец, кај нас познат како белоглав орел е со светла кафеава боја, има бел врат обраснат со пердуви и се помалку го има во Македонија. Тој живеел во локалитетот Пешти, кој е прогласен за орнитолошки предел од страна на европските стручњаци во 1989 година, бидејќи тука биле присутни бројни ретки птици. За ова сведочи и настанот од пред некој ден, кога Ѓоргиев во оваа месност пронашол мртов застрелан сив штрк, кој е скоро пред изумирање во земјава и е забранет за отстрел.





АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »