речник контакт

Во селото Ораовец по долги години се слушна детски плач

Дарувано од природата, заборавено од човекот, селото Ораовец, место создадено за одмор

Петар Печков

Селото Ораовец  е на половина час возење од Велес, сместено на надморска височина од 600 метри. Природата тука  не се штедела, ладовина,  вода и богата историја, се на едно место а толку блиску за бегство од градската врева.   Малото село  е некогашен дом на значајни луѓе од македонската историја со која малку мината жители останати во него, се гордеат. Тука на падините на Клепа се преплетуваат историјата и сегашноста, помешани со природната убавина, водата и мирисот на пролетното цвеќе. Сето ова го прави Ораовец село, кое не е така познато но е пожелно да се посети, поради здравје, историја, одмор.

  Имаме што да им понудиме на сите гости, сенка и вода во жешките летни денови. Ладната вода доаѓа од големиот извор на крајот од селото, кој служи за наводнување, во него има и  риба. Има уште две езерца во вода над него.Никогаш не секнува, толку  многу вода има во селото. Сенката пак е од столетните ореви, така што наместо викендите да ги минуваат дома на жешкиот асфалт, велешани нека дојдат до нас, нема да зажалат – велат селаните. 

Ораовец заживува кон крајот на април, кога тука доаѓаат бројни гости да положат цвеќе на гробовите на  гемиџијата Милан Арсов и  илинденецот - војводата Јован Наумов Алабакот. Тие се гордост на селаните и за нив зборуваат со почит. Селото го добило името Ораовец  бидејќи во него има многу ореви, кои ја даваат и дебелата ладовина покрај бистрите потоци и бликаат од секаде.

Селаните со гордост ги покажуваат трите чешми од кои блика чиста планинска вода и тие не чувствуваат проблеми со водата за пиење во жешките денови, кои за волја на вистината овде се ретки. Во селото покрај многуте ореви има и маслинки иако е на поголема висина. Но иако природата тука не штедела, мештаните, ги има околу триесетина од април до октомври, се жалат на условите за живот. Им фалат три ,,П,, објаснуваат.

  Ни треба пат, превоз и продавница. Остана не асфалтиран последниот километар, така е со години.  Поради ова таксистите не доаѓаат до селото а немаме ниту продавница. Ако купиме повеќе роба од Велес, на раце мораме да ја носиме, оти колите се кршат по лошиот земјен пат. Со години се  ветува, истото го слушаме ама останува само на збор – вели Снежана Димова.

Убавата вест е што во селото после дваесетина години се роди бебе, женско Теона. Тоа е ќерката  на Марјан Андовски, кој останал тука да живее и одгледува стока. И покрај лошите услови и тешкиот живот,  останал верен на родното огниште.  Мештаните одгледуваат тутун,  лозје, кромид,  патлиџани, пипер.

  Во селото има  многу вода, ама немаме по куќите, нема водовод, нема канализација. Ги нема основните потреби за скромен живот. Зиме кога има снег, мораме сами да го чистиме за да може да дојде брза помош да им помогне на старците. Тука повеќето се такви лица. Затоа од селото младите заминуваат – вели Марјан Андовски.

Селото во пролет е прекрасно, се мешаат боите и мирисите на цветовите. Ораовец  има стара специфична архитектура со интересни покриви.  Куќите се покриени со камени плочи, што е природна климатизација, лете  е ладно, зиме топло. Плочите ги наоѓаат во блискиот каменолом или мадем како што тие го именуваат.

Во селото има прекрасна црква Св. Спас градена од познатиот градител Дамјанов, соѕидана во 1839 година, една  пред велешката „Св. Пантелејмон“. Селото било воздушна бања, така било познато во средината на минатиот век.  Постарите жители  зборуваат дека во селото до пред 40-ина години доаѓале деца од општината на лекување, бидејќи има добра вода и воздух. Многуте ореви го збогатуваат воздухот со јод, така што децата се лекувале овде. Како што сега е болницата во Јасеново, така некогаш било Ораовец - воздушна бања. Децата доаѓале преку лето и биле сместени во зградата на училиштето.

Истото може и сега да се стори. Нека се даде зградата која се распаѓа, на некоја невладина  организација на користење, па така и децата ќе бидат поздрави, а и селото ќе заживее - велат жители во селото. Затоа, гостопримливите домаќини со широко срце ги канат велешани и другите намерници да дојдат на еден ден, а потоа да бидат нивни чести гости. Велат кој дошол еднаш, ќе дојде пак и пак.

Во 30-тите години на минатиот век селото имало градски навики. Фурни каде домаќините го пекле лебот и ручекот, имале многу воденици на блиската река Тополка. Неодамна познатиот велешки фотограф Томе Боцев  раскаже интересен настан, кои доволно илустрира за моќта на населението.

Татко ми во 1927-тата година со семејниот автомобил бил во Ораовец да ја земе мајка ми Нада како невеста.   Во таа година за прв пат во Велес за бракот на моите родители бил употребен автомобил да ја земе невестата од  дома. Мајка ми Нада   имала татко богат трговец  Пано Срмата. Уште тогаш за прв пат се случило, ова што сега е прави, момчето во тоа време со кола да оди по невестата. Ораовец имал многу богати луѓе, мајка ми Нада била од едно такво семејство – се присетува Томе Боцев, најстариот велешки жив фотограф кој  има 80-тина години.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »