речник контакт

Водата на езеро Младост, каде Отовичка река се влива во акумулацијата, констатирано е присуство на фекални материи

Извршен бил вонреден инспекциски надзор од Државниот инспектор за животна средина, на вливот на Отовичка река во езеро Младост, по реакција на граѓани

Петар Печков

Државниот инспектор за животна средина (ДИЖС), по реакциите и добиена пријава  од граѓани, дека од Отовичка река течат фекалии во акумулација Младост, извршил вонреден инспекциски надзор. 

При инспекцискиот надзор е утврдено дека по целиот периметар на езерото, на границата со крајбрежниот појас, како и на езерската површина е констатирано присуство на видливи материи со кафено- зелена боја.  За да се утврдат причините земена е вода за анализа и испратена е на испитување до надлежните институции.

„Согласно Извештајот за здравствена безбедност на водата, од ЈЗУ Институт за јавно здравје, утврден е зголемен број на колиформни бактерии во примерокот на вода земен од  близината на вливот на  Отовичка река, заради што површинската вода е во IV/V категорија. За оваа состојба, Институтот за јавно здравје согласно прописите е должен да го извести Државниот Санитарен и Здравствен Инспекторат за понатамошно постапување. Согласно интерниот Извештај од микробиолошка анализа на ЈПВ Лисиче  за истиот период, во водата од истото мерно место,  исто така е утврдено присуство на зголемен број на колиформни бактерии, заради што површинската вода е во IV категорија. Во однос на физичко-хемиските параметри, утврдено е зголемена вредност на ХПК, фосфати, KMNO4, TOC, што укажува на зголемено количество органски и неоргански материи во водата.“ - информираат од ДИЖС.  

Од инспекцијата потенцираат дека за  плажите кои се користат за капење - Градска плажа 1, Градска плажа 2, Плажа Романтик и Бела вода биле обезбедени извештаи од ЦЈЗ Велес, акредитирана лабораторија „ФУД Лаб“ Скопје, кои во текот на капачката сезона вршел  мониторинг на водата за потребите на Општина Велес. 

Од овие извештаи, кои се однесуваат на месец јули,  се заклучува дека водата била во III категорија, односно  безбедна е за капење, рекреација и наводнување на земјоделските површини.

Извештаите од   мерното место кај пумпната станица од каде правниот субјект М-6 зафаќа вода за наводнување согласно договорот склучен со ЈПВ Лисиче,  покажувале  дека била од III категорија, која е пропишана со дозволата за користење на вода за наводнување.

„Се констатира дека во водата на акумулација Младост во близината каде Отовичка река се влива во акумулацијата Младост има присуство на фекални материи, што најверојатно се должи на неконтролиран внес на отпадни води во акумулацијата“ - констатираат од ДИЖС. 

Езерото Младост има колекторски систем веќе 15 години, кој со еден крак ги прибира отпаднати води од Отовица и Мамутчево а во вториот крак од отпадните води на  хотелот брод Панини и хотел  Глориус.

По ваквата констатација ЈПВ Лисиче, како носител на право за користење на водата од езерото,  се обратил до ЈКП Дервен како оператор на колекторскиот систем со барање на информација за исправноста, функционалната состојба, присуство на неприклучени објекти на системот кои испуштаат води директно во акумулацијата. ЈКП Дервен одговорил  дека колекторскиот систем нема дефекти, дека  немаат увид дали во колекторот се внесуваат сите отпадни води, ниту податоци за неприклучени корисници во системот.  

По ова ДИЖС со допис го известила овластениот комунален инспектор од Општина Велес за понатамошно постапување, да се испита од каде преку Отовичка река се внесуваат тие отпадни води со фекалии, кои завршуваат во езеро Младост.

АНКЕТА »

Дали се потребни забрани за учениците на училиште да носат мини здолништа, долги нокти, маици на прерамки, бермуди, бради и присеви?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »