речник контакт

Волонтери и јавни личности ја градат населбата Хабитат

Волонтери и сопствениците ги градат првите 24 домови во населбата Тунел 2 во Велес, инвестирани од американската невладина организација Хабитат.

Петар Печков

Волонтери и сопствениците ги градат првите 24 домови во населбата Тунел 2 во Велес, инвестирани од американската невладина организација Хабитат. За половина година од почетокот на градбата  лопата во рака фатија повеќе од 200 волонтери од САД, Германија, Полска, Шведска, Италија, Швајцарија, Канада, кои дојдоа на непозната локација, да градат дом на семејство што не го познаваат, сами комплетно ги покриваат трошоците за престој и згора на тоа оставаат донација за организацијата што е нивен домаќин. Меѓу изведувачот Ива инжињеринг се и градители, ученици од американската Гимназија Нова од Скопје,, како и повозрасниот дел од фамилиите кои во првата распределба ги добија 24-те  стана од предвидените 90. Тие се обврзани да вложат по 400 работни часови, од кои половината на терен,  со цел да почувствуваат дека градат нешто што подоцна ќе им припаѓа ним.

\"\"

- Во изградбата на новиот дом учевствуваме со сопругата, бидејќи децата ни се под 16 години и тие според правилата не смеат да се појават на градилиштето. Задоволни сме со понудените услови, цената на еден квадрат е околу 450 евра а во првите пет години месечната рата за отплата ќе биде помеѓу 90 до 110 евра. Ова е е најдобрата понуда што не може да се одбие – вели Димче Велев еден од новите сопственици на становите, кои ќе се исплатуват во наредните 20 години. Станарите ќе имаат ретка можност да се пофалат дека во изградбата на нивните домови учествувале и претседателот на државата, сопругата на американскиот амбасадор, градоначалникот на Велес. Сите тие ги здружија силите и вградија симболично неколку бетонски блокови.  Иако тоа е е нивен мал придонес за објектот, промоцијата на проектот со овој гест е огромна.

- Голем е придонесот на Хабитат, во време на криза што им овозможува на нашите граѓани да дојдат до ефтин стан. Им честитам на иницијаторите, што вложуваат во Македонија. Убаво е да се помогне на луѓе кои се со ниски примања и на овој начин да го решат станбеното прашање – изјави Ѓорге Иванов претседател на Република Македонија, при неодамнешниот престој кога помагаше на градилиштето на Хабитат во Велес, истовремено кога тоа го стори и американскиот претседател Обама во Вашингтон. За првата распределба на станови имаше жестока конкуренција по пет кандидати за еден дом или вкупно 126 пријавени за 24 стана, но поплаки немаше. Инвеститорот очекува дека напролет ќе бидат комплетно завршени првите 24 станови.

- При распределбата спорведуваме процедура која е транспарентна и се заснова на реални показатели. Ние не доделуваме станови, туку селектираме семејства кои се вклучуваат во програма на изградба на објектите – вели Зоран Костов извршен директор на Хабитат Македонија. Тој се пожали дека поради нестабилниот курс на доларот, вредноста на инвестицијата од 2,7  скокна на 3,2 милиони долари. Станбениот комплекс се простира на 4,7 илјади квадратни метри површина, а во три фази ќе се изградат вкупно 11 објекти со 90 дома кои ќе бидат во стар велешки градителски стил, со просечна површина од 52 квадратни метра. Населбата ќе биде комплетно завршена во 2011 година. Велешани се почестени што се први во земајва кои ќе добијат населба за лица со ниски примања, бидејќи освен во Македонија Хабитат во моментов во Европа гради станови со слични услови во Унгарија и Романија. Патрон на мрежата на Хабитат е некогашниот американски претседател Џими Картер.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »