речник контакт

Војна на руските олигарси на британска територија

Смртта на рускиот олигарх и политички дисидент Борис Березовски во Велика Британија, каде тој живееше како бегалец 13 години, ја покрена темата за „војна на олигарсите“ на британската територија.

Петар Печков

Березовски беше најден мртов во бања во куќата на неговата поранешна сопруга во околината на Лондон. Околностите на смртта не се се уште до крај разјаснети. Патолог на британскиот Хоум Офис не можеше да утврди дали Русинот самиот се обесил или бил обесен, освен што заклучи дека тој починал од задавување.

Претходно, Грузинецот Аркадиј „Бадри“ Патаркатшвили беше најден мртов во својата раскошна куќа во едно предградие на британскиот главен град, а смрта беше објаснета со срцев удар. Александар Перпилични почина џогирајки во еден лондонски парк во време кога им помагаше на швајцарските правосудни власти за да влезат во трагата на една голема финансиска измама на луѓе од руското подземје поврзани со структури на власта во Москва. Александар Литвиненко беше убиен во Лондон со радиоактивен изотоп полониум 212, додека им помагаше на британската и на шпанската разузнавачка служба во откривање на врските меѓу руската мафија и властите во Москва.

Заедничко за сите е што беа во судир со врвовите на власта во земјите од каде побегнаа во Велика Британија, а починаа во неразјаснети околности оставајки простор за сомневање. Тие беа богати, освен Литвиненко, со богатство стекнато на контроверзен начин. За Патркатшвили, Перпилични и Литвиненко е заедничко и што беа поврзани или блиски со Березовски.

Некогашниот висок функционер на КГБ во годините на Студената војна, Олег Гордиевски, кои живее во Лондон по спектакуларното бегство од Москва по обелоденувањето дека бил двоен шпион, деновиве прокоментира дека олигарсите „паѓаат покосени како муви“. Тој вели дека на територијата на Велика Британја Русија и сега  има свои  разузнавачи како во годините кога тој работеле. Неговите констатации ги потврдува и британската контраразузнавачка агенција МИ5, но домашната јавност е незадоволна што Британците се претворија во „неми набљудувачи на војната што се случува пред нивните очи“.

Најострите критичари сметаат дека британската Влада не прави ништо, затоа што не сака да им наштети на своите економски и политички интереси. Олигарсите и другите руски богаташи носат многу пари со себе, па затоа и лесно и брзо добиваат дозволи за да останат и да живеат на британска територија. Официјална Москва, од друга страна, е важен партнер во бизнисот и меѓународните односи, и затоа на се истражуваат до крај случаите на олигарсите и нивните судири и пресметки со бројните непријатели кои ги имаат дома  и во странство.

Березовски во 1993 година преживеа атентат, а Скотланд Јард во 2007 година во последен момент откри заговор за негово убиство од страна на платен убиец. Атентаторот беше уапсен, но по сослушувањето веднаш беше депортиран во Русија без да биде суден.

Блиските пријатели на Березовски од „руската колонија“ во Лондон, не веруваат дека тој се самоубил. Јури Фелштински, кој 15 години е мошне близок со Березовски, вели дека тој бил „фајтер кој не се предава, а самоубиството го нема во неговата ДНК“. Сопругата на Литвиненко, која се подготвува за коронерската истрага за неговото убиство во 2006 година, откри дека го посетила Березовски неколку дена пред смрта. - На средбата  тој веќе не беше потиштен како веднаш по загубата на спорот со Роман Абрамович и разговаравме за истрагата што треба да се одржи во мај, објасни Марина Литвиненко.

Полицијата не најде никака порака или проштално писмо кои би укажувале на самоубиство, но не откри ниту траги од насилство, ниту од радиоактивни, биолошки или хемиски супстанци како во случајот со Литвиненко.

Москва ја искористи смртта на олигархот за да им врати на Британците и на сомнежите од Лондон. Додека Гордиевски вели дека во Велика Британија „врие од руски шпиони“, советникот во Кремљ, Сергеј Марков изјави дека Русија нема ликвидатори и не користи таков профил на луѓе за решавање на проблемите. Марков наместо тоа за смртта на Березовски ја обвини британската тајна служба. Тој тврди дека Берзовски сакал да се врати во Русија и дека за тоа веќе му пратил писмо на претседателот Владимир Путин „молејќи да му биде просетено“. Марков уште тврди дека Британците го ликвидирале Березовски затоа што тој „знаел премногу за сите заговори на Западот за поткопување на власта на Путин“.

Така или не, Борис Березовски и Владимир Путин почнаа како пријатели и истомисленици, за подоцна да се претворат во големи непријатели и политички противници. Некогаш најбогатиот руски олигарх Березовски, матерматичар од еврејско потекло, ја искористи контроверзната руска транзиција за да стане и еден од најмоќните луге во Русија, поседувајќи ги главните медиуми и имајќи отворен влез во Кремљ, секогаш кога ќе го поскаше тоа. Тој му помогна на Борис Елцин да го добие својот втор претседателски мандат, а потоа и на тогаш непознатиот Путин да влезе во руската политика.

Путин и Березовски се сретнале дури петпати во вилата на олигархот во Шпанија, а на сметката на тогаш создадената партија Единстевна Русија, која застана зад актуелниот руски претседтаел, беа префрлени една милијарда долари. Путин лесно победи на изборите и стана премиер, а потоа со помош на медиумската машинерија на Березовски во 2000 година ја освои и претседателската функција.

Но, тогаш неочекувано брзо дојде до раскин на врските, откако Путин најави ликвидација на олигарсите во Русија како класа, не сакајќи да стане марионета во нивните раце, како што тоа беше Елцин.

Тогаш се уште моќниот Берзовски и Михаил Ходорковски, уште еден милијардер од еврејско потекло и сопственик на нафтена компанија, решија да се пресметаат со новиот претседател на политички план, најавувајќи создавање партија на „анти-Путин“ основи. Но, наместо тоа, Березовски мораше да побегне во Велика Британија, каде во 2003 година доби политички азил, а Ходорковски заврши во затвор, каде се уште се наоѓа и од каде треба да излезе на крајот од идната година. И двајцата беа обвинети за финански малверзации, за затајување данок и за криминални приватизации на државниот имот.

Таквите обвинувања може да им се припишат на речиси сите поранешни и сегашни руски богаташи, но не се употребија за Роман Абрамович или за Олег Дерипаска. Првиот беше пријател и партнер на Березовски во нафтената компанија „Сибњефт“, кој откако ја зеде целата за себе и потоа ја продаде на државата за десет милијарди долари, стана еден од најбогатите милијардери во Русија. Абрамович стана близок на Путин, а овој за возврат го именува за гувернер на далечната област Чухотка. Вториот олигарх, Дерипаска остана со таа титула и остана близок до рускиот претседател, откако успеа под своја контрола да го стави алуминиумскиот комплекс „Русал“, создавајќи поголемо лично богатство од она на Абрамович и од она што го имаше некогаш Борис Березовски.

Березовски остана сосема далеку и изолиран од новите текови во Русија, па реши да ги израмни сметките со Абрамович околу акциите во „Сибњефт“ по судски пат. Пред суд во Лондон тој го тужеше сопственикот на „Челзи“, барајќи отштета од три милијарди долари. Според Березовски, Абрамович го измамил нудејќи ги акциите по принципот „прифати или остави“ и заканувајќи му се дека ништо не ќе може да добие ако не ја прифати понудената цена.

Березовски, кој во тоа време веќе бил надвор од Русија се согласил со понудата, но Абрамович  потоа ги продаде акциите на руската држава за многу повисока цена. Соочувајќи се со заканата да плати голема отштета ако загуби, сега многу побогатиот Абрамович ангажираше најскапи адвокати и успеа да се одбрани пред Судот во Лондон, кој ја отфрли тужбата на Березовски и уште го нарече сведок на кому не може да му се верува. Некогашниот моќен човек на Кремљ остана понижен и со обврска да плати дури 100 милиони долари судиски трошоци.

Оние кои веруваат во верзијата за самоубиство на Березовски тврдат дека по таквиот судски епилог тој западнал во депресија, згора на се и тешко финансиски погоден.

Но, без разлика која од верзиите за неговата смрт ќе се прифати, сите се согласни дека Борис Березовски плати превисока цена за своето разидување со Владимир Путин.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »