речник контакт

Вработените од „Колска“ наместо на протест пред Влада, го сопреа железничкиот сообраќај на станица во Велес

Вработените од Колска, не можеа да патуваат со воз, оти не купиле билети. Патниците кои во возовите чекаа со часови, револтирани оти протестот не бил најавен

Петар Печков

Вработените од велешката фабрика за шински возила „Колска“ утрово наместо да заминат пред Влада, каде најавија протест, останаа на Железничка станица Велес.

Бидејќи немале купено билети, не им било дозволено да се возат со патничкиот воз од Гевгелија за Скопје. Тие пак во знак на револт ги сопреа на железничка станица во Велес,  сите утрински возови за Битола и Гевгелија но и за Скопје.

„Не ни дозволија да се качиме на возот, кондуктерите ни кажаа дека треба да си набавиме билети за да се возиме.  Ние пари за карти  да платиме немаме, синдикалната сметка е со месеци празна“ - кажа Тони Арсовски претседател на ОО на синдикатот во фабриката.

Револтот на вработените  го почувствуваа неколку  стотина патници од утринските возови за Битола, Гевгелија и од Гевгелија за Скопје, кои немаа оправдување за ненајавениот протест. Имаше студенти и ученици од Гевгелија, Валандово, Демир Капија, Неготино кои од 6,30 до 9,  два и пол часа чекаа возот да тргне, па доцнеа на предавања. Меѓу патниците беше и жител на Миравци, кој имал закажан термин за 9 часот во болница во Скопје.

„Со воз се немам возено од 2008, се со кола или автобус патувам. Не знам што ме тераше да се качам и сега го пропуштив терминотза во болница.  Никаде немаше најавено дека ќе има протест и застој на железничкиот сообраќај“ рече Ристо Даев патник.

Од МЖ Транспорт со соопштение објаснија дека причината зошто вработените од „Колска“  не биле пуштени во патничкиот воз за Скопје, е што немале билети.

„Според  „Законот за договорите за превоз во железничкиот сообраќај’’ патникот е должен пред започнувањето на патувањето да набави возен   билет.  Транспорт АД Скопје испрати профактура до Фабриката за шински возила – Велес, за покривање на трошоците за превоз на групата патници, за да може да им се дозволи на патниците без возен билет да патуваат на соодветната дестинација. Профактурата се’ уште не е платена“- соопштија од АД МЖ Транспорт.

Вработените од Колска најавија дека  утре ќе  обидат за протестираат пред Влада во Скопје. Ако не им биде дозволено да отпатуваат, повторно ќе го блокираат железничкиот  патнички сообраќај .

АНКЕТА »

Дали се потребни забрани за учениците на училиште да носат мини здолништа, долги нокти, маици на прерамки, бермуди, бради и присеви?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »