речник контакт

Врачена е наградата за животно дело „Андреја Дамјанов“ на архитектката Зорица Блажевска

Cе доделува за особени достигнувања и личен придонес во развојот на архитектурата и градителството

Петар Печков

Архитектката и професорка Зорица Блажевска ја прими наградата за животно дело,  „Андреја Дамјанов“. Таа се доделува за особени достигнувања и личен придонес во развојот на архитектурата и градителството. Наградата ја доделува Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ).  На свеченоста во МАНУ, наградата на Блажевска ѝ ја врачи претседателот на Асоцијацијата, архитектот и професор Мишко Ралев.

Творештвото на Блажевска, како што велат од ААМ, е длабоко посветено на архитектурата на домувањето со особен фокус на една од најчувствителните теми – архитектурата за третото животно доба.

„Професорката Зорица Блажевска на Архитектонскиот факултет во Скопје ја продолжи линијата на нејзините претходници, професорите Јован Ранковиќ и Георги Константиновски, но даде и еден личен поглед на проектот на домувањето. Како професорка на Проектирање на станбени згради, како и на низа предмети поврзани со областа на домувањето, ја постави и разви темата на живеење во третото доба како дел од педагошкиот проект и како одреден општествен ангажман“, пишува во образложението за наградата.   

Дипломирала на Архитектонскиот факултет, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, под менторство на професор Георги Константиновски. Докторирала на тема Повеќе семејната куќа во функција на хумано домување на старите лица во рамки на семејството, под менторство на  Константиновски (1991), а била и негов асистент на Архитектонскиот факултет, соработник и рамноправен партнер во низа клучни дела.

Нејзини дела се Соборна Православна Црква, Струмица(1993 конкурс, прва награда), Дом за нега „Сју Рајдер“ (1996), Типски станови за социјално домување, (1999/2000, специјална награда), Урбанистички-архитектонски проект за дел од реонски центар Карпош 3, (2004, конкурсен проект, прва награда), Меморијален центар АСНОМ (2004, конкурсен проект, втора награда), Основно училиште „Димо Хаџи-Димов“, Скопје (2004, конкурсен проект, прва награда), Дом за стари лица, Дузлак, Штип (2011, конкурсен проект), Типски решенија на семејни куќи (2015, конкурсен проект), Здравствен дом Охрид (2008, основен проект), Еко куќа, Бардовци, Скопје (2008).

Оваа награда за животно дело Андреја Дамјанов се до 2005 се доделуваше во Велес, во црквата СВ. Пантелејмон, но откако тогашна локална власт го откажа гостопримството, таа се врачува во Скопје.

АНКЕТА »

Каде го минавте летниот одмор?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »