речник контакт

Врховен го ослободи Адис Куртагиќ од обвинението дека е сторител на убиството на Ибрахимовиќ

Останува мистерија кој сурово го ликвидираше со куршум во тилот, Бајро Ибрахимовиќ во близина на Бензинската пумпа на Штипско џаде

Петар Печков

 
Врховниот суд ја отфрли жалбата на велешкото јавно обвинителство, за случајот убиството кај бензинската пумпа на влезот од Велес, со што  како третостепен го ослободи од вина Адис Куртагиќ, кој се товареше дека е сторител на делото, убиството на Бајро Ибрахимовиќ (33 год).

Така заврши петгодишната одисеја по судниците и беше потврдена првостепена ослободителна пресуда која  во два наврати ја донесе судијата Шефшет Адеми од Основен суд Велес.Со ова остана нерешена свирепата ликвидација на Ибрахимовиќ, кој беше убиен со еден истрел во тилот.

Телото  на Бајро Ибрахимовиќ беше пронајдено на 11 април 2014-та година, во поодмината фаза на распаѓање, во вечерните часови   на  ливада од напуштена куќа, на влезот од Велес, близу Бензинската пумпа,  од  деца кои собирале полжави.  Сторителот сурово и безмилосно го застрелал Бајро со еден куршум во тилот, од пиштол   од непозната марка   со калибар 7,65 мм. што  зборува за класична ликвидација како во филмовите. Во џебовите на убиениот  биле пронајдени бели медицински ракавици и спреј за онеспособување. Обдукцијата покажала дека бил застрелан на 24 март 2014-та, во терминот од 21 до 22,15ч.

Жалбата на велешкото обвинителство, Врховен ја отфрла како неоснована.  Тезите на јавниот обвинител се дека двете лица обвинетиот Куртагиќ и убиениот Ибрахимовиќ во критичниот момент биле на критичното место заедно, што се заснова  на  листинзите од мобилните оператори и анализите на остварената комуникација со  мобилните телефони, кои ги користеле обвинетиот и покојниот, во критичното време и на критичното место.

Врховен суд во неговата ослободителна одлука  се повикува на супер вештачењето, каде од доставените листинзи не можело да се одреди локацијата на двата телефонски апарати, на обвинетиот и убиениот,  во критичниот временски период и дека со оглед на големиот опсег на покривање на базните станици не можело да се утврди дали двете лица биле заедно  на посочената локација во тој период.

Врховниот суд заклучува дека се работи за недокажани претпоставки, за индиректни докази, кои не го доведуваат обвинетиот во врска со кривичното дело и од ваквите тврдења не може да се изведе сигурен заклучок за постоење на решавачките факти во однос на сторителот на делото.

Вехбо Ибрахимовиќ, чичко на застреланиот,  како сведок во процесот на првото судење  јавно   изрази сомневање дека обвинетиот го сторил делото.

Бајро(убиениот) и Жуќо (обвинетиот)  беа толку блиски пријатели, неразделни така што не верувам дека тој го убил внукот. Но бил присутен кога се случило и знае кој е сторителот. Цело село знае кој е убиецот, но никој на сака јавно да зборува, ги страв, се плашат.  Последен пат Бајро жив е виден среде село во Горно Оризари, критичниот ден околу 16, 45  како се качува во бел пик ап со скопски регистарски таблички. Влегува и потоа   се губи во непознат правец  - рече  тогаш Вехбо.

Истрагата во ниту еден момент не го расветли овој момент, кој остана нерасчистен, со кого убиениот Бајро е виден жив последен пат, како заминува од Горно Оризари.   

Ова е второ убиство во велешко, по тоа во село Ореше, кое со години се влечеше по судовите и заврши со ослободителна пресуда за обвинетиот/тите.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »