Петар Печков
Објавено: понеделник, 16 декември 2024
Врховниот суд ја прифати жалбата на Основното јавно обвинителство (ОЈО) Велес и на оштетениот Димитрие Кадиев и предметот за одговорноста за смртта на родилката Маја Кадиева и нејзиното бебе, кои пред 9 години починаа во болницата во Гевгелија, го врати на повторно судење, пред Апелација Скопје. Обвинети за кривичното дело Тешки дела против здравјето на луѓето се гинеколозите Венци Чалков и Дончо Москов од Струмица, како и анестезиологот Томче Ванчев од Гевгелија, кој во меѓувреме почина. Почина во текот на истрагата и вториот анестезиолог Зоран Јовановски.
На првото и второто судење, кои се одвиваа во Основен суд Велес, судијката Габриела Гајдова ги ослободи од вина Москов и Чалков, додека Ванчев доби прво четири години, па по промената на обвинителниот акт дека делото не го сторил со умисла, туку од небрежност, доби една година затвор. Апелациониот суд Скопје првата пресуда ја врати на повторно судење, a втората ја потврди. Таа беше донесена на 19 март 2020. Апелациониот суд Скопја после три години, на 29 мај лани, ја разгледуваше жалбата на велешкото обвинителство и ја потврди пресудата.
Врховиот суд, постапувајќи по жалбата, констатирал нeколку сериозни повреди на законот.
„Апелациониот суд Скопје не ги ценел во доволна мера изведените докази од кои произлегува дека обвинетите со превземените дејствија постапиле спротивно на Упатството за медицинско згрижување при царски рез, донесено од Министерството за здравство, објавено во Службен весник на Република Македонија број 47 од 24.03.2015 година. Без постоење на индикација за итност на интервенцијата, без извршени испитувања за моменталната здравствена состојба на пациентката, туку прифаќање на резултати од испитувања направени десетина денови претходно, без навремено комплетирање и состанување на медицинскиот тим кој требало да ја изврши интервенцијата и негово координирано дејствивање при постапувањето согласно Упатството за безбедна хирургија донесено од Светската здравствена организација, а на тој начин однесувајќи се несоодветно, неодговорно и несовесно, телефонски е повикана родилката на 22.10.2015 година заради породување со царски рез иако веројатниот термин за породување на сега покојната родилка Маја Кадиева бил 02.11.2015 година. Во таа прилика, обвинетите иако требале да бидат кохезивни, да делуваат и соработуваат заедно, воопшто не комуницирале и не размениле информации за безбедно одвивање на оперативниот зафат, како што налагаат лекарските правила и прописи, па обвинетите Венци Чалков и Дончо Москов, иако можеле и требале да бараат одложување на интервенцијата, при невозможноста пациентката да биде воведена во анестезија од страна на анестезиологот, тие тоа не го сториле“, се вели во одлуката на Врховен суд.
Судот бара од Апелација Скопје да ги земе предвид овие укажувања и да донесе правилна и законита одлука.
Оштетениот Димитрие Кадиев, сопругот на починатата родилка Маја, е разочаран од текот на овој предмет.
„Недозволиво срамно е за судството, безмалку десет години од настанот, да нема донесено правосилна пресуда, да се спроведе професионална постапка и да се донесе конечна пресуда. Врховниот суд требаше по толку време да каже кои прекршувања на законот се случиле. Судовите тераат предмети за политика, а нас обичните граѓани нè заборавија. Каква порака ни испраќаат:“, вели Кадиев.
Несреќата се случи на 22 октомври 2015, при породување на пациентката Маја Кадеива од Дојран во Општа болница Гевгелија, што резултираше со смрт на родилката и на нејзиното бебе.
Tweet |