речник контакт

Вчера Земјата најблиску до Сонцето а најстудено!!

На 2 јануари во 23 часот и 50 минути, планетата Земја беше најблиску до Сонцето за 2016 година, во положба наречена перихел.

Петар Печков

На 2 јануари во 23 часот и 50 минути, планетата Земја беше најблиску до Сонцето за 2016 година, во положба наречена перихел. Во тој момент, нивното растојание  изнесуваше 147 милиони км. Тоа е за 2,5 милиони км помалку од просечното, односно околу 5 милиони км помалку од максималното растојание (152 милиони км) помеѓу Земјата и Сонцето, положба познато како афел (ќе се случи на  4 јули 2016 година).

Поради близината до Сонцето, во месецот јануари Земјата се движи околу 1 км/сек побрзо (30,3 км/сек) по својата патека отколку во јули, што е причина и за малку пократко траење на годишните времиња (зима на северната, а лето на јужната полутопка) во овој период. Причината за перихел и афел е тоа што Земјината патека (орбита) не е сосема кружна, туку малку елиптична, со едниот крај на „елипсата“ малку поблиску до Сонцето.

Иако би требало да се очекува помалото растојание да резултира со потопли јануарско-февруарски лета на јужната полутопка, тоа не е така заради многу понерамномерниот распоред на водата и копното.

Сепак, има еден друг многу значаен ефект, а тоа е што количеството на УВ и други зрачења од Сонцето во овој период е поголемо за околу 7%. Тоа зголемување е доволно да предизвика значајни ефекти врз испарувањето на водата во Светскиот океан, влијаејќи врз глобалниот и регионалниот распоред на врнежи.

Поради оштетувањето на озонските слоеви, перихелната положба во последно време понеповолно се одразува врз живите организми и човекот, главно преку намалување на имунолошкиот одговор или преку оштетување на кожата и очите. Затоа, без оглед што е зима, треба да се внимава на изложеноста на директното сончево зрачење, особено на повисоките планини!

 проф. д-р Ивица Милевски

АНКЕТА »

Дали се потребни забрани за учениците на училиште да носат мини здолништа, долги нокти, маици на прерамки, бермуди, бради и присеви?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »