речник контакт

Гемиџиите стигнаа во Гевгелија (фото)

Заврши 15-тата Вардарска регата, по сонце, дожд, облаци, жега со спектакуларни падови и возење со дупнат чамец четири дена

Петар Печков

По четири дена пловење учесниците на годинашната Вардарска регата допловија до Гевгелија, целта на  манифестацијата. Стотина учесници  минаа 140 км, годинава по секојдневно  различни временски услови, сонце, дожд, облаци, жега.   Но сите тие се задоволни од дружењето, пловењето, авантурата која ја доживеаја и покрај силните напори кои ги вложија да стигнат до Гевгелија.

Беше напорно, но задоволството што стигнавме комплетни на целта е огромно. Имавме силен ветер кој често го менуваше правецот и не брзаците и не успоруваше. Имавме добро ниво на реката кое обезбеди безбедно патување. Имавме и пороен дожд кој не фати на пловење, среде река кога нема каде да се сокриеме. Имавме и технички проблеми со дупнати чамци но успешно  минавме – вели Себо Шаќиров организатор на манифестацијата. 

Во три наврати се дупнале чамците, два уште на тргнување од Велес, кога имало спектакуларни летови  на поединци од чамецот кои  иако опасни завршиле без повреди. Еден од чамците иако соа дупната комора успешно ги мина сите четири дена и со неговиот екипаж стигна до Гевгелија.  Некои од учесниците прв пат пловеа, некои имаат долгогодишен стаж. Сите идентично   велат највозбудливо било кај фабриката ХИВ а највпечатливо минувањето низ клисурата кај Демир Капија.

Кај фабриката ХИВ, местото го викаме Плочи, беше највозбудливо кога ги миневме брзаците, тука имаше   најмногу адреналин од брзата вода и вештината да се мине без да се преврти чамецот. Најубаво и највпечатливо беше минувањето низ Демиркаписката клисура, нешто што ретко се случува. Огромните карпи надвиснати над нас се единствената слика што не може да се повтори на друго место – вели Влатко Нацев  кој како кајакар има често возено на оваа регата.

На целта во Гевгелија учесниците заеднички ги пречекаа градоначалниците на Гевгелија Иван Франгов и на Велес Славчо Чадиев, со надеж дека регата ќе има продолжение до Солун.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »