речник контакт

Географскиот центар на Македонија, селото Крива Круша, мртво слово на хартија

Откако неодамна почина Трајче Здравевски а неговата сопруга Елица дојде да живее во Велес, географскиот центар на Македонија селото Крива Крушиа изумре

Петар Печков

Есенското сонце полека заоѓа зад Јакупица, мракот надоаѓа, но во селото Крива Круша нема кој да ги запали светилките во малкуте сочувани куќи. Го нема ни лаежот на кучињата или звукот на другите животни.

Од селската чешма, среде село, блика ладна планинска вода, но нема кој да ја пие, да ја употребува. Се запалија единствено светилките од неколкуте селски бандери кои му даваа живост на мртвото село, кое е географскиот центар на Македонија. Откако неодамна почина Трајче Здравевски, неговата сопруга Елица замина за Велес,  и селото остана пусто и празно. Во него повеќе не живее никој, изумре уште едно македонско село, тоа е сега само именка во географската карта.

Ако порано се фалефме дека сме центарот, срцето на Македонија сега тоа престана да чука, умре. Синко, Крива Круша беше гордоста на сите нас, сега е само спомен, минато историја. Се изумре, се се запусте, како и да не било – со тажен глас објаснува Елица Здравевска седумдесетиседум годишната старица, последниот жив жител на селото.

Откако нејзиниот сопруг почина, таа дојде да живее во Велес, кај внуката Ленче, но спомените и парче од животот останаа во селото. Таму останаа кучето Бубе и магарето Мирко, за кој се надева дека  во пустелијата се снашле и без стопанот. Елица помни кога селото имало живот, врвело од луѓе.

Селото имаше шеесетина жители а во неговите најдобри денови имаше и основно училиште, тука учеа децата и од Ново Село. Луѓето живееја од сточарство, овци, кози, крави, бидејќи немаме земја за одгледување било какви култури. Останаа сега  само светилките да им светат на арамиите, кои пустошат по селото. Кога пред некој ден бев дома, се испретурале, барале ама ништо не нашле. Да сме имале  нешто, немаше да останеме таму да самуваме толку години  – вели Елица, која со сопругот осамени ги минуваа старечките денови во селото.

Повеќе нема да доаѓа ниту поштарот во Крива Круша, во селската куќа со бр.20 каде еднаш месечно делеше пензија, за веднаш потоа Трајче на магарето Мирко да отиде до Чашка и купи се што е потребно. Сега  есенската слика е тажна, се слуша само звукот на ветерот кој низ пустите селски улици ги разнесува сувите лисја од дрвјата. Дење во селото  дува ветерот ,,деник,, во правец кон сртот на планината а ноќе  ,,ноќник,, од сртот кон долината.

Околината е шума од даб, бука и габер Има многу масивен камен, метаморфни капри. Малкуте сочувани куќи во селото се со убави чардаци, од кои пука прекрасен поглед кон населба Чашка. Покривите на куќите се од камени плочи, кои се природни разладувачи лете а во зимa ја чуваат топлината. Селото има црква Св.Богородица, која е изградена во 1892 година.
      

Пред многу години, по осамостојувањето на Македонија доаѓа стручњаци, мереа и пресметаа дека во селото е центарот на државата. Не одбележаа каде е точно, но познато е дека тука се сечат сите линии  на државата од исток, запад, север и југ   – вели Елица.

Според нејзиното објаснување селото името го добила по дрво во негова близина. Првиот жител изградил куќа блиску до карванскиот пат и кога другите го прашувале каде му е домот, тој одговарал до ,,кривата круша,,. Така околу него почнале да се градат и други куќи а селото го добило ова име и се оформило во средината на 18-ти век. До него води земјен и прашлив пат, во должина од три километри од Чашка, кој е причина што селото изумрело.

За да се стигне до географскиот центар на Македонија потребни се 30т-иа минути возење по лош и нерамен пат. Тој наскоро и ќе зарасне во трева, бидејќи нема кој  повеќе да го користи, селото Крива Круша ќе остане само поим од атласите.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »