речник контакт

Германски „Маркварт“ – искра надеж за велешани и велешкото стопанство

По 24 години, германски „Маркварт“ е прва странска инвестиција во Велес, некогашниот македонски индустриски центар.Какви се очекувањата на велешани, стопанствениците, експертите

Петар Печков

По долги најавувања, германскиот инвеститор деновиве конечно дојде во Македонија и обелодени кој е. Тој воедно го потпиша договорот со македонската Влада за инвестиција во Велес.

Станува збор за германска компанија „Маркварт“, добавувач во автомобилската индустрија за врвните германски брендови, како „Мерцедес“, „Ауди“ и „БМВ“.
Фабриката вредна 35 милиони евра, која ќе почне да се гради во март 2014 година, во новата индустриска зона Караслари кај Велес, треба да биде на површина  од околу 15 илјади м2.

Според најавите од инвеститорот, со производство ќе се започне во првиот квартал од 2015 година, а тоа ќе значи 500 до 600 нови вработувања на претежно млади кадри.

Локалната власт очекува позитивни ефекти за општината
Инфраструктурата во Индустриската зона Караслари кај Велес, како што информираат од локалната власт, е веќе подготвена. Градоначалникот Славчо Чадиев во изјава за ДВ потенцира дека се многу задоволни од инвестицијата, која е прва странска инвестиција во градот по 24 години.

„Ние очекуваме дека оваа инвестиција ќе има позитивни ефекти врз целокупното живеење во општина Велес, затоа што околу 600 семејства од градот ќе ја најдат својата егзистенција во оваа фирма“, смета Чадиев.
Градоначалникот на Велес воедно очекува и ангажирање на локални компании како логистика.

„Од разговорите со нив, тие потенцираа дека воедно ќе ангажираат дел од домашните бизнисмени за да им помагаат, според потребите. Тоа значи дека ќе има поширок опсег на фирми кои ќе имаат учество во работењето на германската компанија, а што ќе значи и позитивни ефекти за целата општина“, потенцира градоначалникот Чадиев.

Младите невработени од Велес со нетрпение очекуваат фабриката да почне со работа. Филип Трајковски, 28-годишен невработен електро-техничар, за ДВ изјавува:

„Со радост ја примив веста за германската инвестиција во Велес, која долго се највуваше. Невработен сум десет години и многу ми е тешко. Се надевам дека конечно ќе се вработам и повеќе нема да бидам на товар на родителите, а потоа конечно ќе оформам и свое семејство“.
Миле Стојковски, 31-годишен невработен машински техничар, пак, е загрижен за платите во странските фирми во Македонија.

„Се радувам што можеби конечно и јас ќе се вработам. Знам дека платите во овие странски фирми, кои работат во земјава, се околу 8 илјади денари. Сметам дека тие се недоволни и дека за егзистенција е потребна минимална плата од 15 илјади денари“.

Економските експерти со добри прогнози

Економските експерти во Македонија оценуваат дека германскиот инвеститор „Маркварт“ е ценета фирма од областа на електрониката, која има свои фабрики во повеќе земји во Европа и светот. Експертот за инвестиции проф д-р Методија Несторовски од Економскиот факултет при УКИМ во Скопје оценува:

„Оваа инвестиција е убава вест за еден индустриски малаксан град, кој во времето на предолга транзиција ги изгуби најголем дел од индустриските капацитети и карактеристиките на индустриски град. Воедно ќе значи и едно големо освежување, односно заживување, за велешкото стопанство, од еден многу сериозен и успешен инвеститор“, оценува проф. Несторовски.

Експертите велат дека, покрај во однос на вработувањето, ефекти ќе има и врз извозот. Тие проценуваат извоз од околу 75 милиони евра. Проф. д-р Несторовски потенцира:
„Инвестицијата ќе значи и дополнителни ефекти што ќе ги има врз раздвижувањето на индустријата и другите услужни дејности, од транспортот, телекомуникациите и другите дејности, што ќе значат плус за економскиот развој на Велес и Македонија. Оваа инвестиција, воедно ќе значи и привлекување на други инвестиции“.

На Македонија и' требаат инвестиции од повисоките фази на индустриска технологија

Работодавачите во Македонија исто така ја поздравуваат оваа странска инвестиција во Велес, за која велат дека е добредојдена пред се' за невработените, што ќе значи и нивно вработување. Но, од друга страна тие посочуваат дека надлежните во земјавата во иднина треба да избираат странски инвеститори со повисоки фази на индустриската технологија.

Според оценката на Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавачи на Македонија, дадена за Дојче веле, „во Македонија некои странски компании инвестираа само заради интересот за евтина работна сила“.

Работодавачите посочуваат дека на Македонија не и‘ требаат само пропратни фабрики, кои ќе произведуваат навлаки за седишта или делови за автомобилската индустрија, туку фабрики во кои ќе се составуваат готови автомобили или други производи. Според нив, давањето на даночни и други привилегии во индустриските зони во Македонија треба да биде само за големите инвеститори. Димитров затоа посочува:

„Тоа треба да биде за странски индустрии кои имаат повисоко ниво за доработка, кои имаат висока технологија, а кои ќе донесат и повисоко знаење, повисока технологија и технолошки развој во Македонија. А, тоа ќе значи и многу повисоки и попристојни плати за вработените кои ќе работат во нив“.

текстот е преземен  од радио Дојче Веле

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »