речник контакт

Главинов, жесток пропагатор на социјалистичките идеи

Животот и делото на столарот кој како прв социјалист и водач на работничкото движење во земјава и поборник за балканска федерација се вброи во многуте светли ликови од македонската историја

Петар Печков

Велес, слободно може да се каже е лулка на социјалистичкото движење во Македонија. Тука, во Којник, едно од најстарите и најпознати негови маала, роден е основоположникот на социјалистичкото движење во Македонија, Васил Главинов (1869 – 1929).

Спомените за животот и делото на столарот кој како прв социјалист и водач на работничкото движење во земјава и поборник за балканска федерација се вброи во многуте светли ликови од македонската историја, со пиетет се чуваат во неговата родна куќа израдена во средината на 19 век, денес музеј со тематска поставка за неговата посветеност и беспоштедна борба за социјална правда и човечко достоинство.

Скромната внатрешност на неговиот роден дом ја доловува сликата за сиромашното велешко семејство Главинови во кое е роден Васил, околу 1869 година, време кога Велес е главно средиште на економско-социјалниот и културно-политичкиот живот во Македонија.

Приказната за него, што ни ја раскажува Марин Клифов, кустос и раководител во велешкиот Народен музеј, е дека основното образование го стекнува во училиштето на Јордан Хаџи Константинов – Џинот. Но, поради немање пари да го продолжи образованието, тој го изучува столарскиот занает и релативно млад се соочува со тешката експлоатација и социјална неправда. Како и голем број свои сонародници, тешкиот живот и безработицата, и него го принудуваат во 1887 година да го напушти родниот Велес и да ја дели тешката судбина на печалбарскиот и емигрантскиот живот во Бугарија.

По доаѓањето во Софија, на возраст од околу 18 години, Главинов започнува да работи во фабрика за ќерамиди. Но бргу ќе ја сподели судбината со бројните балкански занаетчии кои осиромашуваат во тој период и во 1892 година во недостаток на работа ќе ја изгуби работилницата. За да опстане, Главинов ќе работи како наемен работник, што ќе го доближи до работниците со напредни идеи. Истата година ќе стапи во Бугарското  работничко друштво „Братство“, каде ќе му бидат достапни разни брошури и изданија преку кои ќе се запознае подетално со социјалистичката идеја.

Длабоко инволвиран во социјалистичките кругови, Васил Главинов почнува да ги шири социјалистичките идеи меѓу македонската емиграција во Бугарија. Во 1893 година ја основа Македонската работничка социјалистичка група во која членуваат: Веле Марков, Никола Петров-Русински, Никола Карев, Димитар Мирасчиев, Андон Шулев, Атанас Раздолов, Стојно Стојнов, Гиго Дандарот, Лазар Главинов, Димо Хаџи-Димов и други. Обидот на Васил Главинов, групата да прерасне во Македонска партија, не наидува на подршка кај бугарските социјалисти и тие го прогласуваат за сепаратист. Принуден е да се врати во Велес.

Во 1894 година, Велес е идеална почва за продолжување на неговата активност и Васил во својот роден град го основа првото работничко просветно друштво. Социјалистичката литература што ја донел заедно со неговата успешна агитација, одигруваат важна улога за придобивање на повеќе млади работници и интелектуалци од Велес, околу 65 лица, меѓу кои, Ризо Ризов, Алексо Мартулков, Илија Плавев, Славејко Бачов и многу други.

Во 1894 година Васил Главинов го формирал првото работничко културно просветно друштво во Велес. Година подоцна, во 1895, групата го издава и првото македонско социјалистичко гласило „Револуција“ кое претставува практична реализација и манифестација на нивните социјалистички сфаќања.

Во 1898 година, македонските социјалисти го издаваат весникот „Политическа слобода“ во кој најдобро ја илустрираат еволуцијата во разбирањата на Главинов и неговите истомисленици за тактиката и стратегијата на ослободителната борба на македонскиот народ и ширењето на социјалистичките идеи. Исто така социјалистите тргнуваат од ставот дека без национално ослободување нема ни економска слобода и во таа насока имаат одредени контакти со ТМРО.

На 3 јули 1900 година близу Крушево, по одржувањето на Првата социјалистичка конференција дел од македонските социјалисти активно се вклучува во револуционерните движења. По Младотурската револуција од јули 1908 година се создаваат услови за формирање на нови партии меѓу кои Народната федеративна партија на Јане Сандански. Тоа е период кога Васил Главинов е многу активен.

 

На почетокот на 1909 година станува одговорен уредник на новопокренатиот весник „Работническа искра“ во кој Васил Главинов доследно ја популаризира идејата за Балканска федерација како единствено средство за зачувување на самостојноста и независноста на балканските народи. Во јануари 1910 година во Белград се одржа Првата балканска социјалистичка конференција на која како претставници на социјал-демократските организации од Македонија учествуваа Васил Главинов, Стојан Дивлев, Душан Цеќиќ и Михајло Цоков.

Во Солун кон крајот на истата година се одржа конференција чија цел била основање на Отоманската социјалдемократска партија, но обидите завршија со неуспех. По избувнување на Балканските војни, Главинов се враќа во Бугарија, каде останува до крајот на својот живот. Умира во Софија на 24 јануари 1929 година во својата 52 година од животот. Не ги дочекува остварувањата на идеалите кои го исполнувале и осмислувале целиот негов живот.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »