речник контакт

Годинава и следната 40 доктори и медицински сестри од Велешка болница се пензионираат а Министерството за финансии не дава одобренија за нови вработувања

Од Министерството за здравство ниту по еден месец не одговорија на поставеното прашање, дали и кога Инфективното одделение ќе се реновира и зошто не дозволуваат да се отвори монтажната болница, која е неискористена и празна

Петар Печков

Директорот на Велешката болница  го дели ставот на пациентите и на матичните доктори, околу екипираноста на оваа здравствена институција, со доктори специјалисти.  Тој признава дека  проблемот со бројот на  здравствените работници во болницата е многу сериозен.

„Голем дел  од докторите и медицинските сестри заминуваат во пензија, годинава и следната тоа се 40 лица, десетмина од нив се доктори кои полнат 67 години возраст и мора да заминат, не можеме да ги здржиме. Тоа е сериозна бројка. За нови вработувања не успеваме.  Имаме поднесени барање до Министерството за здравство, од каде добиваме согласност, за жал не и од Министерството за финансии.  Имаме шест специјализанти кои  треба да завршат, петмина пуштивме лани. Имаме барање и од медицински сестри да заминат во странство.  Состојбата е тешка, оти за да создадеме доктор треба најмалку  12 години“ - вели д-р Божидар Бојаџиев, директор на Општа Болница Велес.        

Оваа јавна здравствена институција нема ушен доктор, нема кожен, еден е очен, еден е трансфузиолог. Пациенти со тешки белодробни болести  од Велес, ќе бидат изложени на дополнителни трошоци, бидејќи единствениот доктор пнеумофизиолог од Велешката  болница до крајот на годината ќе оди во пензија.

Со неговото заминување, матичните лекари ќе мора да ги преупатуваат овие  пациентите кои редовно примаат медицинска терапија, за да добијат рецепт во Специјализираната болница во Јасеново или во Скопје, додека АТД диспанзерот  за белодробни зболување, пред две години се затвори со пензионирањето на двете докторки.

Болницата мака мачи со греењето во Инфективното одделение, каде се лекуваат ковид пациенти од Повардарјето.

Од Министерството за здравство ниту по еден месец не одговорија на поставеното прашање, дали и кога ова одделение ќе се реновира и зошто не дозволуваат да се отвори монтажната болница, која е неискористена и празна.

АНКЕТА »

Дали се потребни забрани за учениците на училиште да носат мини здолништа, долги нокти, маици на прерамки, бермуди, бради и присеви?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »