речник контакт

Гостување на ,,Прекината одисеја,, пред велешани

Копродукција на МНТ и театар од Легница Полска, за егзодусот на децата бегалци од Егејска Македонија

Петар Печков

Среда вечер во велешки театар гостување на  заедничкиот копродукциски проект на Македонски Народен театар и театарот „Хелена Моджејевска“ од полскиот град Легнице. Тоа е претставата „Прекината одисеја“ по текст на Роберт Урбањски, а во режија на Јацек Гломб, двајцата од Полска.

Претставата е базирана  на судбината и егзодусот на децата бегалци од егејскиот дел на Македонија кои завршуваат во градот Легница во Полска. Во претставата настапуваат актери од Македонија и Полска, кои заедно со режисерот Јацек Гломб ја истражуваа оваа комплексна тема, преку прибирање на податоци за тие големи човечки судбини и преку разговори со децата бегалци кои беа директни учесници во големиот прогон.

„Прекината одисеја“, е базирана на сведоштва на деца бегалци, претстави дел од нивните судбини, страдања, лични драми и случувања на нивниот пат до Полска, како и нивниот престој таму, а откорнати од своите најблиски, од својот дом, своето село, својата татковина. Љубовта, копнежот и носталгијата за изгубениот роден крај, за изгубените родители и роднини, како и нивната судбина распрсната низ цел свет, емотивно ја погоди публиката.

Во првиот дел од претставата настапија полските актери: Рафал Цјелух, Габриела Фабјан, Бартош Буланда, Анита Подендњак, Зуза Моторњук, Малгожата Урбањска, Катажина Дворак, Роберт Гулачик, Богдан Гжешчак, Павел Волак, Павел Палцат, Магда Скиба и Матеуш Кшик, а во вториот дел, пак, македонските актери: Владо Јовановски, Томе Витанов, Софија Насевска- Трифуновска, Сашка Димитровска, Снежана Коневска– Руси, Билјана Јовановска, Борче Начев, и Трајче Ѓоргиев.

 Дел од претставата е музичкиот настап во живо на камерниот состав Петар Христов, Петар Смилев, Сашко Темелкоски и Славчо Коцев, кои меѓу другото исполнуваа и песни од македонската етно-ризница, а според музика на Горан Трајкоски. Сценографијата беше на Малгожата Буланда, а кореографијата на Александра Кочовска- Начева.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »