речник контакт

Градежните работи близу мерната станица за квалитетот на воздухот, ги покачија вредностите на ПМ 10 и ПМ 2,5 честичките во Велес

Министерството за животна средина препорача на Општина Велес да преземе акција за побрзо да се заврши реконструкцијата на улицата, а во меѓувреме да го задолжи изведувачот почесто да ја прска со цел истата да биде постојано во влажна состојба

Петар Печков

Четири дена велешани дишат високи вредности на ПМ 10 честички. Мерните инструменти на Министерството за животна средина измерија високи среднодневни концентрации на ПМ 10 честички за Велес за деновите  30 март  - 182,5 мг/м3, ,на 31 март со 161,4 мг/м3 ,   на 1 април со 169,5 мг/м3 и 2 април 265,9 мг/м3.

Со овие вредности беше надминат прагот за алармирање, согласно Законот за квалитетот на воздухот.

Високите вредности кои беа алармантни,  создадоа чудење  кај граѓаните бидејќи во деновите кога се измерени, температурите беа високи, немаше греење по домаќинствата, кои се најголемиот загадувач на амбиентиот воздух  во градот а по нив доаѓа сообраќајот па индустријата. 

Дилемите ги расчисти Министерството за животна средина (МЖСПП). Причина била градежните работи кои се изведуваат во близина на мерната станица.

„Високите концентрации на суспендирани честички со големина до 10 и 2.5 микрометри (ПМ10 и ПМ2,5) што ги покажува мониторинг станицата „Велес 2“, поставена во дворот на детската градинка „Димче Мирчев“ во велешката населба Тунел, не даваат релевантна слика за квалитетот на воздухот во Општина Велес, бидејќи во непосредна близина на станицата се врши реконструкција на дел од улицата „Благој Ѓорев, што е директен извор на загадувањето. Поради тоа и поради заштита на инструментите од прекумерните концентрации на прашина, истите ќе бидат исклучени до завршувањето на градежните работи “ соопштија од  МЖСПП.

Тие  ги известуваат граѓаните, кои живеат и се движат во непосредна близина на локацијата каде што се одвиваат градежни активности, да преземат мерки на лична заштита, до завршувањето на градежните работи оти е  можна  појава на повисоки концентрации на ПМ 10 и ПМ 2,5 честички.  

„Се препорачува на Општина Велес да преземе акција за побрзо да се заврши реконструкцијата на улицата, а во меѓувреме да го задолжи изведувачот почесто да ја прска улицата со цел истата да биде постојано во влажна состојба“  додаваат од  МЖСПП.

Не така одамна, пред две седмици на 19 и 20 март, мерните инструменти измерија исто така мошне високи вредности на ПМ 10 честички во воздухот во Велес. Тие  два дена беа над 150 мг/м3 со што е надминат прагот на алармирање. На 19 измерени се 229,4 мг/м3 а следниот ден 177,2 мг/м3.

АНКЕТА »

Каде го минавте летниот одмор?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »